Згрижувачки семејства

Есма Реџепова пример за хуманост и човечност

14.09.2014 17:25

Есма раскажа како своите утра ги поминувала подготвувајќи ги најмалите за на училиште. Вели дека не било тешко заедно со својот сопруг да им обезбеди живот каков што заслужуваат. Била се посреќна како што растело нејзиното семејство...

Мајка на 48 деца, баба на 100 –на внуци. Есма Реџепова низ целиот живот згрижуваше деца без родители и го отвори своето срце за да им обезбеди безгрижно детство. Таа е пример за хуманост и човечност. Раскажа како своите утра ги поминувала подготвувајќи ги најмалите за на училиште. Вели дека не било тешко заедно со својот сопруг да им обезбеди живот каков што заслужуваат. Била се посреќна како што растело нејзиното семејство.

„Ние сме ги школувале тие деца, до 18 години сме ги женеле, станови сме и купувале, коли, свадби сме им правеле, така ние сме пресреќни“, рече Есма Реџепова.

Министерот Диме Спасов кој ги посети децата од домот 11 октомври и од хуманитарното здружение на Есма,  апелираше до граѓаните да го следат овој пример и да згрижат дете. Преку проектот на министерството “На секое дете му е потребно семејство“ досега повеќе од 280 деца  се згрижени во над 180 семејства. 

„Изминатиот период интересот расте, повеќе граѓани се јавуваат, се распрашуваат за можностите коишто ги имаат. Ние заедно со нашите институции обезбедуваме соодветна обука и сертификација, меѓутоа и паричен надоместок за згрижување кој се движи помеѓу 6 до 8 илјади денари месечно“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Хуманитарното здружение на Есма се вклучи во овој проектот на ресорното министерство. Целта е да се поттикнат граѓаните да им обезбедат среќна иднина на најмалите кои останале без своите најблиски. Семејствата кои сакаат да бидат згрижувачи можат да се информираат на страната на министерството за труд или на бесплатниот телефонскиот број 15-505.

Викторија Тодоровска