Свет

Блиски Исток: Нови напади и раст на цената на нафтата

12.03.2026 18:41

Продолжуваат американско-израелските напади во Иран. Техеран пак, таргетира танкери во Заливот. Цените на нафтата повторно растат, и покрај меѓународниот договор за ослободување на резервите...

Ормускиот теснец – жариште на конфликтот во Иран. Цените на нафтата повторно растат, и покрај меѓународниот договор за ослободување на резервите. Американскиот претседател Трамп прогласи „победа“ над Иран и ја поздрави одлуката на енергетската агенција.

„400 милиони барели нафта од националните резерви низ светот значително ќе ги намалат цените додека ставиме крај на оваа закана. Мораме да ја завршиме работата, нели? Нашата војска го уништи Иран. Победивме, уште во првиот час беше готово, прашање е само кога ќе престанеме?“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Лидерите на Г7 разгледуваат можност за придружба на бродови и најавуваат мерки за зголемување на производството и стабилизирање на пазарот, откако Иран објави дека го контролира теснецот и се закани со прекин на протокот на нафта.

„Ќе ги преземеме сите потребни мерки за да поттикнеме максимално производство во овој период и да се справиме со последиците од војната“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Техеран продолжи со нападите врз нафтените рути и енергетска инфраструктура во регионот. Нови удари врз странски бродови во Персискиот Залив. Гори складиште за гориво во Оман и Бахреин, нападнати и нафтените полиња во Саудиска Арабија. Ирак ги затвори нафтените терминали, а ракета погоди италијанска база во Ербил.

„Најостро го осудуваме нападот врз италијанската база во Ербил. За среќа нема смртни случаи или повредени меѓу италијанскиот воен персонал. Сите се безбедни“, - напиша италијанскиот министер за надворешни, Тајани.

Ирански напади пријавени и во Дубаи, Кувајт и Катар.

„Нашиот регион минува низ тешки околности поради воената ескалација. повторените напади од Иран врз Катар не се ограничени само на воени, туку погодија и цивилни цели“, изјави Шеик Мохамед Ал Тани, премиер на Катар.

САД возвраќаат со напади врз иранската воена инфраструктура, додека Тел Авив тврди дека Хезболах и Иран се обидуваат да ги прошират нападите низ Израел.

„Обидот за проширување на пукањето во многу области во земјата е директен одговор на обемната и длабока штета и притисокот што го вршиме врз нив, а овој притисок се зголемува од ден на ден. Ние ја таргетираме главата на октоподот во Иран, неговата рака во Либан боли“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара Иран веднаш да ги запре нападите врз земјите од Заливот.

Бојана Крстевски