Буџет за 2015

Се зголемуваат платите, пензиите и социјалните надоместоци

14.09.2014 17:58

Владата го исполни ветувањето. Ќе се зголемат платите, пензиите и социјалните надоместоци...

Државната и јавната администрација  ќе добијат покачување од 4 проценти кое ќе биде вклучено во октомврската плата,  која административците ќе ја земат во ноември. Ќе пораснат и социјалните надоместоци.  Од јули 2015 тие ќе бидат повисоки за 5% .

За разлика од други земји, македонската економија ќе има раст на БДП в година за 4 %  што значи поголем прилив на буџетски приходи и простор да се реализира ветеното зголемување, појасни вицепремиерот Ставрески.

„Потребна е извесна доза на внимателност заради состојбите во европската економија, коишто во последните месеци не се најдобри. Германската економија забележа одредени знаци на забавување, дури негативен раст во вториот квартал, како и десетина други економии во Европа, а индустриското производство паѓа во 8 земји во Европа. Тоа укажува на потребата при динамиката на реализација на одредени политики и мерки да ги имаме во предвид овие случувања“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Проекциите покажуваат дека  македонската економија  в година ќе генерира раст на БДП од 4 %, а буџетскиот дефицит ќе биде намален и ќе изнесува 3,5 % .

Економскиот раст ќе овозможи  буџетските приходи да достигнат 163 милијарди и 280 милиони денари, односно ќе бидат зголемени за 5 % во однос на годинава, додека   расходите ќе растат за поен помалку и ќе изнесуваат 181 милијарда и 777 милиони.

Освен платите, пензиите и социјалните надоместоци преку буџетот се обезбедува поддршка и на приватниот сектор преку зголемените капитални инвестиции и на земјоделството преку субвенции во износ од 140 милиони евра.  Капиталните расходи ќе надминат 21 милијарда денари.

„За Коридорот 10 вкупно се предвидени за следната година 3,4 милијарди денари, кои се обезбедени со средства од ЕБРД, ЕИБ, ИПА средства и буџетско учество. За инвестиции во железничката инфраструктура  имаме милјарда и 311 милиони денари“, рече Ставрески.

Преку проект на Светска Банка ќе бдиат обезбедени и милјарда 765 милиони за водоводи и пречистителни станици во повеќе градови, во гасификација ќе бидат насочени 258 милиони,а во јавното здравство 529 милиони. За реконструкција на основни и средни училишта ќе бидат потрошени 600 милиони, а во високото образование 737. Развојот на руралните подрачја ќе биде поддржан со милијарда и 696 милиони.

Буџетот е така проектиран што ќе овозможи реализирање на владините приоритети, но треба да бидеме и внимателни во очекување на умерен раст на глобалната и низок раст на европската економија, нагласи вицепремиерот Ставрески претставувајќи го буџетот за 2015 –та .

Свето Николовски