Во „Идризово“ продолжи судењето за случајот „Пулс“
Само два противпожарни апарати, празни хидранти, заклучена задна врата. На денешното рочиште за случајот „Пулс“ сведочеше инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување. Процесот продолжи со распит на сведоци на обвинителството.

Запечатена врата без квака, празен хидрант без црево, недоволен број на ПП апарати. Клубот „Пулс“ немал ниту дојавувач за пожар. Ова го тврди инспекторот за заштита и спасување Дарко Стојков, кој како сведок на обвинителството беше сослушан за пожарот во кочанската дискотека.
Тој рече дека Кочани од 2012 нема инспектор за оваа проблематика, откако неговиот колега се пензионирал.
„Објектот, според површината, требаше да има најмалку 4 ПП апарати. Задната врата беше заклучена со катанец, без квака. Таа врата не може да се користи за евакуација, но ако била отворена ќе послужила како излез. Надворешната врата, пак, водеше кон тревник, но таму немаше услови за евакуација на поголем број луѓе. До таа врата не може да пристапи возило на итната помош“, рече Дарко Стојков – сведок на обвинителството.
Адвокатот Давидовиќ вели дека ДЗС нема надлежност да контролира кафулиња и ресторани бидејќи институцијата опфаќа територијална одбрана и цивилна заштита на целата држава.
Процесот продолжува со распит на уште десетина сведоци на обвинителството.
Анита Димитријевска – Велковска
