БЛИСКИ ИСТОК

Продолжуваат американско-израелските напади на цели во Иран

13.03.2026 09:00

Продолжуваат американско-израелските напади на цели во Иран. Техеран возвраќа со ракети и со дронови кон Израел и кон американските воени бази во земјите од Персискиот залив. Конфликтот сè повеќе се фокусира и на Ормускиот теснец, клучната морска рута за светската трговија со нафта …

Американски воен авион за полнење гориво што учествувал во операцијата против Иран, се урна во Ирак. Спасувачката операција е во тек, соопшти Централната американска команда. Несреќата не се должи на непријателски или пријателски оган, соопшти војската. Во инцидентот учествувале два авиона, од кои вториот слетал безбедно. Војната продолжува. Шефот на Белата Куќа изјави дека Иран плаќа голема цена.

„Ситуацијата со Иран се движи многу брзо. Оди многу добро. Нашата војска е ненадминлива. Никогаш немало нешто слично. Ние го правиме она што мораше да се направи. Требаше да се направи во период од 47 години. Можеше да го направат многу различни луѓе. Тие избраа да не го сторат тоа. Но, тие навистина се нација на терор и омраза. И плаќаат голема цена токму сега“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Вооружен маж е убиен откако со автомобил влетал во синагога во Детроит во Мичиген, пренесуваат американските медиуми. Претходно, Израел соопшти дека почнал нов бран напади врз иранската престолнина Техеран – а го таргетира и Хезболах во Либан. Нетанјаху вели дека во нападите е убиен врвен ирански нуклеарен научник.

„Додадов уште една цел, а тоа е да се создадат услови иранскиот народ навистина да го отстрани од себе овој ужасен тирански режим. Создавањето услови не гарантира дека тоа ќе се случи, и им ги кажав работитесе зависи од вас. Ќе создадеме оптимални услови за да го спроведеме ова“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиерна Израел.

И Иран продолжува со напади во Израел и земјите од Заливот. Портпаролот на иранското МНР вели дека според меѓународното право, има право да ги таргетира американските бази што се користат против него во регионот.

„Мислам дека на сите, особено на земјите од регионот, им стана јасно дека американското воено присуство во нивните земји не создава безбедност, туку несигурност. Стана товар за нив. Ги нарушува пријателските односи меѓу земјите од регионот и раѓа поделби“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.

Новиот ајатолах со прва порака:

„Ормускиот Теснец останува затворен“.

Белата куќа вели дека ќе им додели на земјите 30-дневна лиценца за купување санкционирана руска нафта која моментално е заглавена на море. Секретарот за финансии на САД изјави дека Американската морнарица ќе ги придружува бродовите низ Ормутскиот теснец што е можно поскоро.

„Верувам дека штом ќе биде воено можно, американската морнарица, а можеби и со меѓународна коалиција, ќе ги придружува бродовите. Имаме целосна контрола врз небото. Тие немаат воздухопловни сили, морнарицата е потопена буквално и фигуративно, а фабриките за муниција, капацитетите за реконструкција на ракетите се целосно деградирани. Значи, штом ќе биде можно да се обезбеди безбеден премин, ќе го сториме тоа“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Иранската револуционерна гарда најави дека ќе ја блокира испораката на нафта од Персискиот Залив сè додека не престанат американските и израелските напади.

 

Маријана Димовска