Блиски Исток

Ормускиот теснец останува затворен

13.03.2026 11:47

Продолжуваат американско-израелските напади на цели во Иран. Техеран возвраќа со ракети и со дронови кон Израел и кон американските воени бази во земјите од персискиот залив. Конфликтот сè повеќе се фокусира и на Ормускиот теснец, клучната морска рута за светската трговија со нафта.

Во обид да се намали притисокот врз цените на енергенсите, САД издадоа 30-дневна лиценца за купување руска нафта. Мерката се однесува само на нафтата што веќе е во транзит и нема да обезбеди значителна финансиска корист за Русија, велат од администрација на САД. Се прават напори и американската морнарица да ги придружува бродовите низ Ормускиот теснец што е можно поскоро и покрај тоа што новиот ајатолах вели дека поморската рута останува затворена.

„Верувам дека штом ќе биде воено можно, американската морнарица, а можеби и со меѓународна коалиција, ќе ги придружува бродовите. Имаме целосна контрола врз небото. Тие немаат воздухопловни сили, морнарицата е потопена буквално и фигуративно, а фабриките за муниција, капацитетите за реконструкција на ракетите се целосно деградирани. Значи, штом ќе биде можно да се обезбеди безбеден премин, ќе го сториме тоа“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Израел соопшти дека почнал нов бран напади врз иранската престолнина Техеран, а го таргетира и Хезболах во Либан.

„Ситуацијата со Иран се движи многу брзо. Оди многу добро. Нашата војска е ненадминлива. Никогаш немало нешто слично. Ние го правиме она што мораше да се направи. Требаше да се направи во период од 47 години. Можеше да го направат многу различни луѓе. Тие избраа да не го сторат тоа. Но, тие навистина се нација на терор и омраза. И плаќаат голема цена токму сега“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Иран возвраќа со напади во Израел и земјите од Заливот. Француски војник е убиен, а неколку се ранети при напад во регионот Ербил во Ирак, соопшти францускиот претседател Макрон.

„Овој напад врз нашите сили вклучени во борбата против ДАЕШ од 2015 година е неприфатлив. Нивното присуство во Ирак е дел од строгата рамка на борбата против тероризмот. Војната во Иран не може да ги оправда ваквите напади“-Објава на францускиот претседател – Емануле Макрон.

Сирени за тревога во воздухопловната база „Инџирлик“ во југоисточна Турција, еден од клучните воени објекти на НАТО во регионот каде што се стационирани и американски трупи. Од иранското МНР се повикуваат на меѓународното право за таргетирањето американските бази во регионот.

„Мислам дека на сите, особено на земјите од регионот, им стана јасно дека американското воено присуство во нивните земји не создава безбедност, туку несигурност. Стана товар за нив. Ги нарушува пријателските односи меѓу земјите од регионот и раѓа поделби“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.

Американски воен авион за полнење гориво што учествувал во операцијата против Иран, се урна во Ирак. Несреќата не се должи на непријателски или пријателски оган, соопшти војската.

Маријана Димовска