Третина од онлајн купувачите пријавуваат проблеми со купувањето, најчесто поради бавна испорака
Чекање пратки подолго од предвиденото, бавни или тешки за користење веб-страници и производи што не изгледаат како на фотографијата – ова се дел од најчестите проблеми со кои се соочуваат купувачите при онлајн нарачките...

Чекање пратки подолго од предвиденото, бавни или тешки за користење веб-страници и производи што не изгледаат како на фотографијата – ова се дел од најчестите проблеми со кои се соочуваат купувачите при онлајн нарачките. Искуството покажува дека дигиталното купување не секогаш е брзо и безгрижно, како што ветуваат интернет-продавниците.
Најчестата причина за незадоволство е доцнењето на пратките. Речиси една петтина од купувачите (19,9%) се пожалиле дека испораката траела подолго од ветеното. За многумина токму брзината е главната предност на онлајн купувањето, па секое одложување ја нарушува довербата во продавницата.
Втората најчеста пречка се комплицираните или бавни веб-страници, проблем што го навеле 11,5 проценти од испитаниците. На третото место е испораката на погрешни или оштетени производи, искуство што го имале 10,4 проценти од онлајн купувачите.
Меѓу земјите на Европската унија најмногу поплаки од дигиталното купување се регистрирани во Малта (64%), Холандија (57,9%) и Луксембург (51,4%). Најмал број проблеми пријавиле купувачите во Португалија (4,5%), Грција (10,6%) и Летонија (13,3%).
