БЛИСКИ ИСТОК

Вашингтон и сојузниците прават напори за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец

13.03.2026 18:03

Вашингтон даде зелено светло за укинување на санкциите кон Русија со цел да се спречи продлабочување на енергетската криза.Од Кремљ со став, интересите за стабилизација на пазарот се совпаѓаат.Продолжуваат американско-израелските напади на цели во Иран. Техеран возвраќа со ракети и со дронови кон Израел и кон американските воени бази во земјите од персискиот залив. Анкара потврди за пресретната иранска балистичка ракета над воздухопловната база Инџирлик...

Геополитичките тензии ги тресат светските пазари. Цената на црното злато бележи неделен раст. Вашингтон и сојузниците прават напори за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец и покрај тоа што новиот ајатолах вели дека поморската рута останува затворена.

„Верувам дека штом ќе биде воено можно, американската морнарица, а можеби и со меѓународна коалиција, ќе ги придружува бродовите. Имаме целосна контрола врз небото. Тие немаат воздухопловни сили, морнарицата е потопена буквално и фигуративно, а фабриките за муниција, капацитетите за реконструкција на ракетите се целосно деградирани“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Во обид да се намали притисокот врз цените на енергенсите, САД на 30 дена ги укина санкциите за продажба на руска нафта што веќе е во транзит од 12 Март.

„Гледаме акции од страна на САД, обид за стабилизирање на енергетските пазари. Во овој поглед, нашите интереси се совпаѓаат. Ваквите акции, до одреден степен, ќе придонесат за стабилизирање, бидејќи без значителни количини руска нафта, стабилизација на пазарот е невозможна“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Израел објави нов бран напади врз Техеран, а го таргетира и Хезболах во Либан.

„Ситуацијата со Иран се движи многу брзо. Оди многу добро. Нашата војска е ненадминлива. Никогаш немало нешто слично. Ние го правиме она што требаше да се направи во период од 47 години“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Иран возвраќа со дронови и ракети во Израел и земјите од Заливот. Сирени за тревога во воздухопловната база „Инџирлик“ во Турција. Француски војник е убиен, а неколку се ранети при напад во Ирак.

„Мислам дека на сите, особено на земјите од регионот, им стана јасно дека американското воено присуство во нивните земји не создава безбедност, туку несигурност. Стана товар за нив. Ги нарушува пријателските односи меѓу земјите од регионот и раѓа поделби“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.

Во инцидент во Ирак, се урна американски воен авион за гориво што учествувал во операцијата против Иран, има жртви.

 

Маријана Димовска