Јавен сервис

98-ми ОСКАРИ ексклузивно на МТВ

13.03.2026 13:53

Пренос од Лос Анџелес, в недела од 23.30 Црвена патека, на полноќ, 98-мо доделување на наградите Оскар. Скратената снимка ќе се емитува во вторник од 20.15...

Македонската Телевизија ексклузивно ќе го прикажува 98-то доделување на Оскарите, најпрестижните филмски награди во светот, в недела 15 март 2026 г. директно од театарот Долби во Холивуд, Лос Анџелес.

Академијата за филмски уметности и науки ќе ги награди најдобрите остварувања во 2025 година. Рекордни 16 номинации има „Грешници“ во режија на Рајан Куглер, 13 номинации освои „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон, по 9 имаат „Франкенштајн“ на Гијермо дел Торо, „Марти Величествениот“ на Џош Сафди и „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир, додека „Хамнет“ на Клои Џао има 8 номинации.

Програмата „Ноќ на Оскарите“ ќе започне во 23 часот и 5 минути.

Во 23.30 е почетокот на преносот од Црвената патека, пристигнувањето на најголемите имиња од филмската индустрија и кратки интервјуа со номинираните.

На полноќ започнува 98-та Оскаровска церемонија која ќе ја води Конан О’Брајан, а многу холивудски имиња ќе бидат дел од шоуто, како Никол Кидман, Адријан Броди, Деми Мур, Роберт Дауни џуниор, Ченинг Тејтум, Сигурни Вивер, Зои Салдања, Мајки Медисон, Крис Еванс, Гвинет Палтроу, Киеран Калкин и многу други.

Скратената двочасовна снимка „98-ми Оскари: Победници“ ќе се емитува во вторник од 20.15. и во сабота во 23.10.