Влада

Доколку цената на нафтата на берзите продолжи да расте, Владата ќе го намали ДДВ-то за горива

13.03.2026 17:04

Ситуацијата на Блискиот Исток внимателно се следи – ако и натаму цената на нафтата на берзите продолжува да расте, ќе се интервенира со намалување на ДДВ-то. Опозицијата критикува дека се дозволува некој да профитира на грбот на граѓаните и повика итно да се интервенира...

Планот на Владата во однос на намалување на цената на горивата е да реагира кај данокот на додадена вредност, откри премиерот Мицкоски. И покрај тоа што имаме најниска цена на дизелот во регионот, сепак постои притисок од соседните земји каде граѓаните од пограничните места кај нас точат гориво. За намалување на акцизата во однос на горивата е рано, бидејќи таа се формира во зависност од цената на светските берзи. Ако цената на нафтата се покачи до енормни граници тогаш се прогласува кризна состојба и се реагира во висината на акцизата – вели Мицкоски.

Лидерот на социјалдемократите Филипче реагира за сменетиот правилник на Регулаторната комисија која еднаш во неделата може да ги менува цените на горивата. Неговата партија предлага:

„Прво, намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто при промет на сите енергенси: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Намалување на акцизата за 4 денари. На овој начин директно ќе се намали цената на еден литар гориво. И во однос на цените на храната, предлагаме сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на основните прехранбени производи“.

И додека Филипче обвинува дека Владата како да сака да профитира врз грбот на граѓаните, премиерот Мицкоски вели целта ни е да се однесуваме во полза на граѓаните и да ја вратиме нивната доверба во државата и институциите.

 

Миле А. Ристески