ОЈО

Осомничениот за семејно насилство Стојанче Јовановски доби обвинение за три кривични дела

13.03.2026 15:33

Поднесено е обвинение против Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана, која пред 10-ина дена изврши самоубиство, скокајќи од шестиот кат на зградата во Тафталиџе, заедно со нивната малолетна ќерка, Катја. Јовановски се гони за три кривични дела, поврзани со сурово насилство и наведување на самоубиство преку повеќекратното семејно насилство кон Ивана, која ја натерал и да му го препише нејзиниот дел од станот. Тој и кобниот ден ја тепал и ѝ се заканувал, по што таа во безизлезна ситуација решила со девојчето да скокнат во смрт.

Ја натерал да му го препише својот дел од станот, а потоа почнал да ја тепа, уценува и малтретира. Осомничениот за семејно насилство Стојанче Јовановски од скопско Тафталиџе доби обвинение за три кривични дела, откако неговата сопруга Ивана, заедно со ќерката Катја скокнаа од балконот на семејниот дом. Кобниот ден, велат од обвинителството, осомничениот со шлаканици и боксови ја удирал сè додека не изгубила свест, но не застанал тука – и се заканил и дека ќе ја убие.

„Обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која во однос на него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот. Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителств.

Обвинетиот не бирал каде и пред кого ја тепа и омаловажува сопругата, велат од обвинителството. И се заканувал дека ќе ја избрка од дома и дека нема да си го види детето.

Критичниот ден жената побарала со ќерката да се качи во станот, да се спакува и да замине кај мајка и, но обвинетиот барал да биде присутен. Сепак, сведок на настанот го оттурнал и заедно останале да чекаат пред зградата.

Малтретирањето, велат од обвинителството, тешко ја вознемирило жената поради што решила да се убие.

Анита Димитријевска – Велковска