Економија

Синдикатите со протестен марш во Скопје поради незадоволство од платите

14.03.2026 11:27

Слободан Трендафилов, ги повика работниците да се приклучат на денешниот протест во Скопје, нагласувајќи дека синдикатите се борат за повисоки плати и подобар животен стандард...

Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, ги повика работниците да се приклучат на денешниот протест во Скопје, нагласувајќи дека синдикатите се борат за повисоки плати и подобар животен стандард.

„Добро утро, ние денес се бориме за вашите плати – што ќе направите вие?“, порача Трендафилов во пресрет на протестот.

Работничкиот протест, организиран од ССМ, е закажан за денес со почеток во 12:05 часот пред Работничкиот дом на улицата „Мирче Ацев“ во општина Центар.

Според најавата на синдикатите, протестниот марш ќе се движи по улиците „Филип Втори Македонски“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Даме Груев“, булеварот „ВМРО“, а ќе заврши пред Влада на Република Северна Македонија на булеварот „Илинден“.

Планирано е демонстрантите да застанат и пред Собрание на Република Северна Македонија и пред Стопанска комора на Северна Македонија, каде синдикатите ќе ги упатат своите пораки до институциите и работодавачите.

Од ССМ велат дека протестот се организира поради долгогодишното незадоволство на работниците, истакнувајќи дека платите не го следат растот на трошоците за живот.