Дното на Охридското Езеро се користи како депонија
Иако најголемиот број охриѓани се грижат за заштитата на Охридското Езеро има и такви кои не се откажуваат од навиката неговото дно да го користат како депонија. Бројните акции на нуркачите и кампањите за заштита на животната средина очигледно не даваат резултати кај тие граѓани и можеби ќе биде најдобро да се постават камери кои ќе ги детектираат прекршителите на законот.

Иако Охридското Езеро се смета за најголем басен со слатка вода во Европа дел од граѓаните на Охрид и околните крајезерски населби го третираат како депонија во која одлагаат најразлични видови отпад. Тоа го покажа и последната акција за чистење на езерското дно од членовите на нуркачкиот центар „Амфора“ на потегот од градското пристаниште до Сараиште.
„Кај населбите кои гравитираат покрај езерото видливо е дека има голем број на отпад, иако имаме доста акции. Секако дека и ден, денес можат да се најдат градежен шут, пластични шишиња, железни конструкции, лименки и што уште не“, изјави Милутин Секулоски Миќо – нуркачки центар „Амфора“.
Нуркачите посочуваат дека при секојдневните нуркања забележуваат големи количини пластичен отпад на поголеми длабочини кои досега никогаш не се отстранувале.
„Најголемиот проблем на цврст отпад кој се влева во охридското езеро се она што го носат реките кои се влеваат во езерото. Тоа е рак-рана и во понатамошните акции што следуваат, што ги имаме во план даваме сугестии до општина Охрид да се реши тој проблем“, изјави Милутин Секулоски Миќо – нуркачки центар „Амфора“.
Секулоски најави дека во мај ќе се одржи големата традиционална меѓународна акција „Охрид Еко 2026-та“ на која учество ќе земат десетици нуркачи од неколку земји.
Сашо Нелоски
