САД со напад на центарот за извоз на иранска нафта
Продолжуваат воените дејствија на Блискиот Исток. Погодена американската амбасада во Ирак. САД нападнаа воени цели на иранскиот остров Харг. Иран возвраќа со напади во Израел. Стејт департментот им нареди на дел од американскиот персоналот да го напуштат Оман. Трамп дециден, војната ќе трае колку што е потребно по глобалната неизвесност со снабдувањето со нафта, Пентагон уверува дека Ормускиот теснец нема уште долго да биде затворен. Расте загриженоста за можни напади врз еврејските заедници во светот. Рано изутринава експлозија оштети еврејско училиште во Амстердам.

Војната на Блискиот Исток се разгорува. Се очекува повеќе американски маринци и воени бродови да бидат распоредени во регионот, објавија светските агенции. Ирак се најде во вкрстен оган од војната во напади од САД и Иран. Со ракета погодена американското дипломатско претставништво во Багдад. Стејт департментот им нареди на дел од американскиот персоналот да го напуштат Оман. Трамп дециден, војната ќе трае колку што е потребно.
„Тие се десеткувани. Нивната земја е во лоша состојба, сè се урива. Читате некои од лажните вести, како „им оди прекрасно“, но не е така тие го прават спротивното. Им оди најлошо што може. Би рекол вака, нема да ви дадам точно време, но ние воено сме далеку пред распоредот“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.
САД нападнаа воени цели на иранскиот остров Харг, погодени воена база и писта за авиони. Техеран се закани дека ќе ја претвори во пепел нафтената и енергетската инфраструктура на фирмите што соработуваат со САД. Иран ги продолжи нападите во Израел. Израелските одбранбени сили уништија складиште за оружје на Хезболах во Либан. Од милитантната група велат дека се подготвени за долга борба.
„Ние не сме причина за агресијата, престанете да мислите така. Израелската и американската агресија се причината за она што се случува во Либан. Пораз и предавање не се во нашиот речник. Ќе останеме силни на бојното поле без оглед на жртвите. Подготвени сме да одиме до крај“, изјави Наим Касем – генерален секретар на Хезболах.
По глобалната неизвесност со снабдувањето со нафта, Пентагон уверува дека Ормускиот теснец нема уште долго да биде затворен. Вашингтон вчера привремено ги укина санкциите за испораките на руска нафта во рок од 30 дена. ООН изразија загриженост за протокот на помош низ важната поморска рута која ги става во ризик испораките низ целиот свет.
„Секое нарушување ќе ја зголеми цената на храната, лековите и другите залихи што спасуваат живот, најтешко погодувајќи ги најранливите луѓе на Блискиот Исток и пошироко“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на ООН.
Расте загриженоста за можни напади врз еврејските заедници во светот по американско-израелските напади во Иран. Рано изутринава експлозија оштети еврејско училиште во Амстердам. Сличен инцидент и во соседна Белгија, експлозија предизвика пожар во синагога во Лиеж. Претходно вооружен маж влетал со автомобил во најголемата синагога во Детроит во сојузната држава Мичиген.
Маријана Димовска
