Здравство

Повторно оперативни зафати на крајници во охридската болница

14.03.2026 17:18

По цели 18 години, во Општата болница во Охрид повторно се изведуваат операции на крајници. Пациентите од Охрид и од целиот Југозападен регион, отсега оваа интервенција ќе можат да ја направат во охридската болница.

По пауза од 18 години, во Општата болница во Охрид повторно започна изведување на операции на крајници. Пациентите од Охрид и од целиот Југозападен регион, кои со години беа принудени да патуваат во други градови и да чекаат со месеци, отсега оваа интервенција можат да ја направат на Одделението за уво, нос и грло. Програмот е воведен, ќе се прават по неколку операции неделно.

„Точно пред 18 години беше направена последната операција на крајници, која претставува еден од основните оперативни зафати. Особено сум горд што после толку години во нашиот град повторно започнува оперативната програма на Одделението за уво, нос и грло. Тоа значи големо олеснување за граѓаните, особено за најмладата популација“, изјави д-р Горан Маркоски, директор на ЈЗУ општа болница Охрид.

„Сите ние ова сме го работеле безброј пати за време на специјализацијата, така што не е нешто ново за нас. Одлично е што повторно се воведува како пракса, бидејќи Охрид е регионален центар“, изјави д-р Ангела Колеска.

„Имаше голема потреба од вакви оперативни зафати. Пациентите се испраќаа на Клиника или во приватни болници, а листите на чекање беа долги – понекогаш и по неколку месеци или една година“, изјави Билјана Кичеец, началник на Одделението за уво, нос и грло.

Општата болница во Охрид доби и нов современ ендоскопски апарат за гастроскопија и колоноскопија, со што значително ќе се подобри дијагностиката и раното откривање на болестите на дигестивниот систем.

„Гастроскопиите најчесто се прават кога пациентите имаат симптоми, но дебелото црево е тивко и симптомите често се појавуваат доцна. Затоа ги охрабруваме сите граѓани над 50 години, и без симптоми, да направат колоноскопија за навремено да се откријат евентуални промени“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

„Скринингот е многу важен за граѓаните. Секогаш е подобро превентивно да се открие состојба која сè уште не е развиена, отколку да се третира веќе сериозно напредната болест“, изјави д-р Владимир Шибакоски, интернист.

Со повторното воведување на операциите на крајници и со новата современа дијагностичка опрема, Општата болница во Охрид ги проширува здравствените услуги за пациентите од целиот регион.

Соња Рилковска