Отворање регионални центри за стоматолошки третмани на лица со попреченост
Родители на деца со попреченост бараат отворање на регионални центри за стоматолошки третмани. Во земјава ова категорија на пациенти се лекуваат само во Стоматолошкиот клинички центар а за регионализација потребно е формирање тимови и време соопштија од Министерството за здравство...

Отворање центри за стоматолошки третмани на лица со попреченост и во внатрешноста на државата. Ова е ставот на Коста Тимов од Босилово татко на дете со аутизам, кој вели дека тешко се доаѓа за термин на Клиниката во Скопје, а родителите се изложуваат на губење време и дополнителни финансиски трошоци.
Тимов веќе се сретнал со градоначалниците од Југоистокот и започнал иницијатива да се воведе оддел каде ќе има стоматолошки интервенции за лица со аутизам, церебрална парализа, Даунов синдром.
Од Министерството за здравство потврдија дека се размислува за регионални центри за изведување стоматолошки интервенции на лица со попреченост, но нагласија дека е потребно е време и услови.
„Потребно е да се формираат тимови од специјалисти по детска и превентивна стоматологија, стоматолошки сестри обучени за овој вид интервенции како и анестезиолози. Да се обезбедат посебни просторни услови и опрема за целосна анестезија. За да се организира регионализација на стоматолошките услуги за деца со попреченост ќе биде потребен временски период“, соопштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека Стоматолошки клинички центар стои на располагање на оваа категорија на пациенти секогаш, дали преку термин или телефонско закажување.
Ване Трајков
