Дијаспора

Хуманитарен концерт во Германија за Кочани

15.03.2026 13:00

Трагедијата и неизмерната болка ги обедини и нашинците во дијаспората. Со многу емоции, тага и сочувство со големата загуба, во Германија беше организиран голем хуманитарен концерт посветен на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Со интонирање на македонската химна, во тишина и со многу емоции, започна хуманитарниот концерт во Диселдорф посветен на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Речиси една година по несреќата што ја потресе Македонија, македонската дијаспора во Германија се собра на едно место – за да оддаде почит и да покаже дека солидарноста обединува.

Во координација со медицинските власти, Германија беше една од земјите каде дел од повредените од пожарот беа хоспитализирани и лекувани, што уште еднаш ја покажа подготвеноста на иселениците да помогнат кога е најпотребно.

Порака за заедништво испрати и директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов. Како што истакна, трагедијата ги обединила Македонците ширум светот и покажала дека и покрај далечината, врската со татковината останува силна.

На истата оваа сцена, пред една година, концерт одржа групата ДНК. Овојпат сцената повторно ги обедини македонските уметници, но со поинаква порака – порака на хуманост, солидарност и сеќавање. Пред македонската публика во Диселдорф настапија познати музички имиња од македонската сцена – Андријана Јаневска, Ламбе Алабакоски, Сања Лефкова и Тина Русева.

Во вечер исполнета со музика, емоции и солидарност, македонската дијаспора уште еднаш покажа дека татковината не се мери со километри, туку со љубовта што се носи во срцето.

Александра Велинова