Болката и траумите за згаснатите животи останува
Болката за згаснатите млади животи ќе остане, како и траумите од најголемата трагедија во државата. Најпогодени остануваат семејствата кои изгубиле свој близок, но и оние со повреден член. Но последици има врз целото население, родителите, младите.

„Болката за згаснатите животи во пожарот во дискотеката во Кочани, не се намалува. Трагедијата и траумата немаат календар“, сметаат стручните лица. Со укажувања и по една година од најстрашната трагедија, остануваат последиците. Најпогодени се семејствата коишто загубиле свој близок, но и оние кои имаат повреден член. Кај првите се детектира втор бран на тага. Првите месеци со значајна поддршка и сочувство на луѓето околу нив, но подоцна сами со својата болка и празнина. Семејствата на повредените пак со постојано присуство на грижа, неизвесност, исцрпеност и стравови за иднината и здравјето на своите блиски. Последици има и врз целото население.
„Родителите коишто се загрижени и имаат стравови за своите деца, посебно кога излегуваат на јавни места, затворени како што се дискотеки, концертни и спортски сали и други простории полни со луѓе, бидејќи оваа трагедија, и овој настан го наруши чувството дека светот е безбеден и предвидлив и тие се соочуваат помеѓу потребата да ги заштитат своите деца и да им дозволат да го живеат својот млад живот“, Александра Милевска, дипломиран психолог и семеен и системски советник.
Промени во однесувањето, повлекување, анксиозност, стравови и потешкотии со концентрацијата, е она што останува да се забележува кај младите.
„Да не се обидуваме да ја намалиме или поправиме болката на овие луѓе затоа што нема да исчезне преку ноќ и една година е сосема краток временски период. Тука сме да сослушаме и да бидеме присутни, бидејќи поврзаноста, поддршката и самото ислушување помагаат процесот на заздравување да тече поприродно“, дополнува психологот Милевска.
Болката нема да исчезне, но препораката на психолозите е да се живее секојдневието со мала доза на оптимизам за иднината.
Стручните лица остануваат да ја нудат својата поддршка. Процесот на заздравување и справување со ваков трагичен настан, потенцираат, бара време.
Во пожарот во Кочани животот го загубија 63 млади луѓе а над 200 беа повредени.
Елена Георгиевска
