Кризата на Блискиот Исток и натаму предизвик за светот
Шефот на Белата куќа ги повикаа партнерите да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец. Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото кралство со претпазливи реакции. Се прават анализи со кои би се избегнала дополнителна ескалација. Од иранското МНР со став, поморскиот пат е отворен но бродовите поврзани со земјите што го напаѓаат Иран ќе бидат блокирани. Турција со доза оптимизам, нема сериозна иницијатива за продолжување на преговорите меѓу САД и Иран, но Техеран е отворен за дипломатија низ други комуникациски канали.

Кризата на Блискиот Исток и натаму предизвик за светот. Американскиот претседател вели дека Техеран сака да склучи договор за завршување на војната, но засега, условите не се доволно добри. Трамп тврди дека целосно го уништиле островот Харг – важниот центар за извоз на нафта на Иран – но дека можеби ќе го нападнат уште неколку пати само за забава. Шефот на Белата Куќа ги повикаа партнерите да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец. Изрази надеж дека во операцијата ќе се приклучат Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство.
„Соединетите Американски Држави го победија и целосно го уништија Иран, и воено, и економски и на секој друг начин, но земјите од светот што добиваат нафта преку Ормускиот теснец мора да се погрижат за тој премин, а ние ќе помогнеме! САД исто така ќе се координираат со тие земји за да се оди брзо, непречено и добро. Ова отсекогаш требало да биде тимски напор, а сега ќе биде – ќе го обедини светот кон хармонија, безбедност и вечен мир!“ – Објава на американскиот претседател – Доналд Трамп.
Од иранското МНР велат дека Исламската Република е систем, а новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи ги извршува должностите и покрај шпекулациите за здравствената состојба. Според шефот на иранската дипломатија Ормускиот теснец е отворен и покрај ескалацијата на конфликтот со САД и Израел, но предупреди дека бродовите поврзани со земјите што го напаѓаат Иран ќе бидат блокирани.
„Ормускиот теснец е отворен. Тој е затворен само за танкерите и бродовите што им припаѓаат на нашите непријатели, на оние што не напаѓаат нас и нивните сојузници. Другите се слободни да поминат. Секако, многумина од нив претпочитаат да не го сторат тоа, поради безбедносни грижи. Ова нема никаква врска со нас. И во исто време, има многу танкери и бродови што минуваат низ Ормускиот теснец. И можам да кажам дека теснецот не е затворен, туку е затворен само за американски, израелски бродови и танкери, а не и за други“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.
Турција тврди дека нема сериозна иницијатива за продолжување на преговорите меѓу САД и Иран. Според турското МНР, Техеран е отворен за дипломатија низ други комуникациски канали, но тоа би било возможно само доколку САД јасно ги утврдат воените цели. За пресретнатите ирански ракети, од Анкара со став, не сакаат да бидат вовлечени во војна.
„Турција е многу способна земја, но во овој случај, не сакаме да бидеме вовлечени во војната ниту да бидеме провоцирани. Нашата позиција сега е одбранбена. Единиците на НАТО се многу ефикасни во овој момент во пресретнувањето на ракетите“, изјави Хакан Фидан – министер за надворешни работи на Турција.
Воените дејствија продолжуваат. Иран и Израел нотираат нови напади, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Бахреин пријавија пресретнувања на ракети и беспилотни летала.
Маријана Димовска
