Кочани

Сеќавање на жртвите, поддршка за повредените во пожарот во Кочани

15.03.2026 17:00

Во Кочани ден пред годишнината од големата трагедија, со низа активности почит кон жртвите, поддршка за повредените. Животот мора да продолжи, и по една година душевната болка е подеднакво голема, сеќавањата на кобната ноќ и 63-те жртви не ги лекуваат докрај раните – велат дел од оние што сè уште закрепнуваат по последиците од пожарот. Благодарност до медицинските тимови кои пожртвувано се бореле за нивните животи.

Закрепнувањето е бавно, но здравствена состојба ми се подобрува, вели Драган Давитковски еден од повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Се сеќава на кобната ноќ. Во дискотеката дошол околу 1:30 часот по полноќ, со сопругата и пријателите да се забавува на концертот на ДНК, една од омилените групи меѓу младите. Но ситуацијата ескалирала откако се запалил таванот а стампедо од луѓе во обид да се спасат тргнале кон единствената врата. Викотници и избезуменост. Ги загубив двајцата другари, вели Драган, најтешко му било не само закрепнувањето туку и душевната болка.

Медицински тимови, специјалисти од различни области ги прифаќале повредените таа кобна ноќ. Се бореле да се спаси секој човечки живот. Една година потоа сè уште психијатри, дерматолози, пулмолози и хирурзи, работат со пациентите и ја следат нивната здравствена состојба.

Пожртвуваноста не е доволна, болката мора да стане системска поука, рече министерот за здравство, кој беше во Кочани.

Добро што се организираат активностите, да се врати животот во нормала.

Дел од повредените, заедно со нивни пријатели, го следеа хуманитарен кошаркарски натпревар организиран во спомен на жртвите од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година.

Градот и натаму живее во грч и солзи, наспроти годишнината од трагедијата тагата е подеднакво големата како кобната ноќ која однесе 63 млади животи.

 

Борис Грујоски