Премиерот Груевски во работна посета на Турција
15.09.2014 09:50
Во рамки на посетата предвидено е да се одржат повеќе бизнис форуми на кои ќе бидат презентирани поволностите што им се нудат на странските инвеститори, а ќе бидат остварени и средби со државниот врв...

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од денеска ќе престојува во неколкудневна посета на Република Турција која е значаен економски и трговски партнер на Македонија.
Во рамки на посетата предвидено е да се одржат повеќе бизнис форуми на кои ќе бидат презентирани поволностите што им се нудат на странските инвеститори, а ќе бидат остварени и средби со државниот врв.
За денеска е најавен бизнис форум во индустриската област Коџаели и градот Измит каде владината делегација пред турските бизнисмени ќе ги претстави поволните услови што ги нуди Македонија за водење бизнис. Бизнис форумот се организира во соработка со Индустриската комора на Коџаели, кој е важен центар со развиена автомобилска индустрија каде успешно функционираат повеќе индустриски зони.
Освен во Коџаели, премиерот Груевски и членовите на владината делегација во наредните денови ќе присуствуваат и ќе се обратат на бизнис форумите и во турските градови Ескишехир, Анкара, Адана и Мерсин.
Во среда се очекува владината делегација да оствари средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со турскиот премиер Ахмет Давитоглу.
Во составот на владината делегација се и министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски.
Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија
