БЛИСКИ ИСТОК

Судбината на Ормускиот теснец и натаму неизвесна, војната продолжува трета недела

16.03.2026 14:00

Судбината на Ормускиот теснец и натаму неизвесна. Американскиот претседател потврди дека побарал од околу седум земји да помогнат во одржување на важната поморска рута. Војната продолжува и трета недела. Напади во Иран, Израел и заливските држави.Техеран уверува, не барале разговори со Американците...

Расте притисокот од САД за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец. Шефот на Белата Куќа вели дека би било многу лошо за иднината на НАТО ако сојузниците не помогнат во решавање на кризата во важниот проток. Откако првично најави дека американската морнарица наскоро ќе започне да придружува танкерите викендов ја промени позицијата и повика други земји да ја обезбедат пловидбата. Во исто време Трамп бара од Кина да се изјасни за бродската линија пред средбата со претседателот Кси месецов.

„Кина на пример, добива околу 90% од својата нафта од Ормускиот теснец и убаво би било да имаме други земји што ќе го контролираат тоа со нас и ние ќе помогнеме, ќе работиме, воено, колку што ми е важно. Во суштина го победивме Иран. Претпоставувам дека можат малку да возвратат, не многу“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Ситуацијата на Блискиот Исток тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Укинувањето на санкциите за руската нафта од страна на САД е опасен преседан со кој Русија добива повеќе пари за војната. Она што се случува на Блискиот Исток има ефект врз Украина, и другите партнери и главната точка ќе биде како да остане Ормускиот теснец отворен“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Властите во Техеран велат дека рутата е затворена само за танкери и бродови што им припаѓаат на непријателите и оставаат простор за разговор со земји кои сакаат безбедно минување … Иранскиот министер за надворешни работи вели дека Техеран не побарал од Вашингтон прекин на огнот и не гледа причина зошто треба да разговара со Американците. Претходно Трамп рече дека не знае дали сака да склучи договор со Иран, но истакна дека во секој потенцијален договор важно е Техеран да нема нуклеарно оружје.

„Не гледаме никаква причина зошто треба да разговараме со Американците, бидејќи разговаравме со нив кога решија да не нападнат. Ова е војна по избор од страна на претседателот Трамп и САД, и ние ќе продолжиме со нашата самоодбрана“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Израелската војска почна копнена операција во Јужен Либан и најави дека војната во Иран ќе трае најмалку уште три недели. Ракетен напад е регистриран врз израелска воздухопловна база близу Тел Авив, Хезболах ја презеде одговорноста.

„Имаме организиран и добро испланиран борбен план. Сè уште имаме илјадници цели во Иран и секојдневно создаваме дополнителни. Режимот е веќе ослабен. Тој е нестабилен и го крие ова од своите граѓани“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Продолжија и нападите во земјите во Заливот. Меѓународниот аеродром во Дубаи, привремено да ги прекине летовите по пожар предизвикан од беспилотно летало.

Маријана Димовска