„Една битка по друга“ ги освои Оскарите
„Една битка по друга“ – победник на ноќта на Оскарите. Политичкиот трилер со Леонардо ди Каприо во главната улога, ја раскажува приказна за милитантни активисти во Соединетите Американски Држави кои се борат за правата на мигрантите. И покрај историскиот број номинации, второто место по бројот на награди го освои филмот „Грешници“.

Приказната за радикалните политички движења, моќта на богатите и политиката, проткаена со црн хумор годинава целосно се вклопи во високите критериуми на членовите на престижната Филмската академија во Лос Анџелес. Трилерот на маестралниот Пол Томас Андерсон - „Една битка по друга“ триумфираше 98-то на издание на Оскарите. Во својот впечатлив говор Андерсон рече дека приказната е одраз на денешницата, паралела на она што секојдневно го слушаме во вестите.
„Го напишав овој филм за моите деца, да им се извинам за нередот што го оставивме на овој свет и им го предаваме на нив. Се надевам дека тие ќе бидат генерацијата која ќе донесе малку здрав разум и пристојност“, изјави Пол Томас Андерсон – режисер.
„Една битка по друга“ освен за најдобар филм, се закити и со награда за најдобар режисер, кастинг, машка споредна улога, адаптирано сценарио и монтажа. Хоророт „Грешници“ на Рајан Куглер по рекордните 16 номинации доби четири златни статуетки за оригинално сценарио, музика, кинематографија. „Грешници“ го донесе можеби и најголемото изненадување на вечерта откако Мајкал Б. Џордан го победи Тимоти Шаламе, освојувајќи го оскарот за најдобар актер.
„Татко ми дојде дури од Гана за да биде тука, целото семејство е тука. Татко ми секогаш ми велеше, не очекувај ништо да ти биде дадено, работи си, знаејќи дека сè друго ќе се среди само од себе“, изјави Мајкл Б. Џордан – актер.
Прогнозите за наградата најдобра актерка, се покажаа како точни, па харизматичната Џеси Бакли го доби златниот оскарот за улогата на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“.
За најдобар интернационален филм беше прогласен норвешкиот „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир. „Франкенштајн“ на Гилјермо дел Торо доби три награди за сценографија, шминка и костимографија, а „К-поп ловци на демони“ два оскара за најдобар анимиран филм и најдобра оригинална песна.
Маја Стојанова
