Коментар
Крај на една кошаркарска ера
15.09.2014 10:10
Што можеш да сториш, ако противникот за помалку од три минути те згрми со 15:0 и шутира како на тренинг?

Завршена работа за дрим тимот, кој што официјално и без тој епитет е екипа од друга планета. Најава за нова револуција од северот, од генерацијата што потсеќа на славните екс југословенски денови.
И двете земји никако не можат да се откачат од багажот, и од стандардите на нивните претходници. Американците сепак ќе може да здивнат откако се изедначија со по 5 златни медали на врвот со Србите, кои што во улога на сукцесори на златните одличја на една друга, голема, моќна спортска земја, имаат сизифовска задача пред себе.
Што можеш да сториш, ако противникот за помалку од три минути те згрми со 15:0 и шутира како на тренинг? Згора на тоа и го пецкаш додека е нерасонет и го водиш цели 5 минути и го лимитираш на 5 поени, на турнир на кој што има просек од 30 по четвртина? Ништо, освен на прес конференцијата по мечот, да му посакаш нова меѓусебна средба, кога ќе пораснеш, на следните ЛОИ, во Рио 2016-та.
Јазот меѓу НБА лигата и европската кошарка отиде во недоглед, во моментов е драстично поголем и од годините кога Европејците го пробиваа мразот преку Океанот. Во тоа време и првиот ешалон од сништата ќе имаше проблеми со комплетната екс-ју селекција, или можеби во некаков имагинарен дуел со некаков хибриден не-американски состав. Не дека немаше да победи, но ќе гледавме кошарка.
Ваква доминација, во демонстрација на Ирвинг и компанија, спортот не памети. И во минатото, поблиско или подалечно, имало големи победи и моќни состави. Но, ова беше олицетворение на фамозната фраза на Цезар – дојдов, видов, победив, со додавката – и никој не ми може ништо. По 40 минути финале, по 9 дуели на „тежок“ турнир, тие танцуваа на подиумот и беа подготвени да одиграат уште 9 последователни меча, веднаш потоа.
Американците имаат најмногу златни и најмногу вкупно медали. Американците обединија по две светски и олимписки злата. Американците ќе жнеат уште долго, другите ќе чекаат трошки, а ние ќе се надеваме дека во новиот квалификациски формат и циклус, ќе избориме шанса за мундијалско претставување. Следното СП е 2019-та, по 5 години со цел да се избегне годината во која што се одржува и фудбалското. Има време, но мисијата да почне денеска.
Бранко Чупески
