Утревечер ќе пристигне нов лет за евакуација од Дубаи
Утре уште еден лет Дубаи-Скопје за евакуација на македонски државјани. Досега беа реализирани четири чартери со кои беа превезени вкупно 458 патници.

Во вторник на аеродромот во Скопје ќе пристигне уште еден авион со во најголем дел македонски граѓани од Дубаи. Пријавени се 147 патници. Ова е петти по ред лет организиран од страна на Министерството за надворешни работи за евакуација на македонските граѓани од Блиски Исток од почетокот на воените операции, и како што од таму велат засега последен.
Од македонската амбасада во Абу Даби ги известуваат сите државјани на Македонија кои во моментот се наоѓаат во Обединети Арапски Емирати дека подготовките за летот се во завршна фаза.
Граѓаните кои имаат неопходна и приоритетна потреба од евакуација се повикуваат во најкус можен рок да се пријават во амбасадата.
Министерството за надворешни работи информираше дека досега се реализирани четири организирани летови за евакуација на граѓани од регионот, со кои се превезени вкупно 458 патници.
Од нив, 380 се македонски државјани, додека 78 се странски државјани, во најголем дел од соседството.
Од МНР информираат, дипломатско – конзуларните претставништва и дежурниот телефонски број и понатаму останува на располагање на македонските граѓани во кризните региони.
Марина Стојанова-Тонева
