Една година по трагедијата во „Пулс“, Македонија сè уште ја бара вистината
Четири обвиненија, 58 обвинети – една година по трагедијата во Кочани правда се бара пред Кривичниот суд. Во главниот предмет им се суди на 35-мина, меѓу нив сопственикот на „Пулс“, неговиот брат, но и инспектори, поранешни и актуелни функционери – сите обвинети за тешки дела против општата сигурност. Во останатите три случаи се опфатени полицајците кои требале, а не постапиле, а истрага е отворена и за даночници од УЈП.

Од првите полициски сирени до најобемниот судски процес – една година по трагедијата во „Пулс“, Македонија сè уште ја бара вистината. 16-ти март, пред да осамне утрото, почнаа приведувања, на почетокот без филтер – на распит беше повикан секој што на каков и да било начин беше поврзан со клубот. Оние што не беа достапни се бараа со потерници.
По два и пол месеца, на 30-мај заврши истрагата за поголемиот број сега обвинети. Онаа за полициските службеници траеше подолго – до 25 ноември.
Во сила се четири обвиненија и една актуелна истрага. Најголемиот процес почна на 19-ти ноември во судницата во Идризово. На обвинителна клупа седнаа 35-мина, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Првообвинет е сопственикот на клубот Дејан Јованов, а тука се и неговиот брат, реалниот сопственик на објектот, инспектори, поранешни министри и градоначалници, вработени во пазарната инспекција, дирекцијата за заштита и спасување, заеднички придонеле да се случи трагедијата, вели обвинителството.
Овој месец почнуваат и судењата за обвинетите полицајци – вкупно 23-ца опфатени со три обвиненија. Годишнината од трагедијата е одбележана и со една незавршена истрага за 11 луѓе меѓу кои има даночници од УЈП за кои обвинителството сè уште собира докази.
Анита Димитријевска – Велковска
