63 бели срца за 63 изгубени животи во Кочани
„Не можевме да ги заштитиме од смртта, но можеме да го зачуваме нивниот спомен“ – ден на сеќавање за кобниот 16 март 2025 година во Кочани. 63 бели столчиња за 63-те загубени животи во Паркот на револуцијата како потсетник за жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“. На секое од нив по една бела роза....

Железна ограда со 63 бели срциња на кои се испишани имињата на жртвите. Дискотеката „Пулс“ нема пред фактот дека толку многу млади луѓе кои требаше допрва да го откриваат, ги испрати од овој свет.
Пожарот пред една година го пеплоса градот, но на многу подолго ја ампутираше радоста и младоста на Кочани.
Солзите не пресушуваат во очите на родителите кои ги загубија најмилите. Сашо Алексовски вели дека само спомените го тераат да живее.
Статистиката е фрапантна, но она што болат се приказните. Деветнаесет годишната Делфина при срце, испечатена на маичка го носи ликот на Сара со која делеле и радост и тага од раѓање. Постара само еден ден од Сара, Делфина вели дека никогаш нема да го заборави заедничкиот роденден прославен во автобус на екскурзија.
По друга Сара, пак, жали Срна. Вели дека трагедијата во која ја загубила другарката со која ја делеле страста за удирање тапани, ја натерала неа и нејзините врсници да пораснат многу побрзо од останатите деца.
Утеха нема, но пораката на родителите е дека оваа трагедија не смее да го парализира општеството кое мора да ја научи лекцијата, дека прекршувањата на правилата не е привилегија и дека правда мора да има за ниту едно друго дете да не загине на ваков начин.
Државниот врв дојде во поддршка на семејствата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Премиерот Христијан Мицкоски, пратеници од сите партии но и претставници на странски амбасади во земјата се потпишаа во книгата на жалост отворена во Паркот на револуцијата.
63 бели столчиња, на секое по една бела роза како симбол за изгубената младост.
Секој од нив сонувал да го направи светот поубав, да лекува, да патува, да служи, да биде војник, фудбалер, компјутерски инженер и се остана само желба и сеќавање.
Приказната за секој од нив се слушна пред преполната сала на комеморацијата.
Лани, веднаш по трагедијата, Сиљановска-Давкова испрати писмо до секое семејство на жртва. Годинава се потпиша во сите 63 лични нотеси.
Катерина Топалова
