БЛИСКИ ИСТОК

Со нападот врз Иран, Трамп тврди дека спречил нуклеарна војна

17.03.2026 09:16

Со нападот врз Иран, Трамп тврди дека спречил нуклеарна војна. Незадоволен е од некои сојузници од помошта за деблокирање на Ормускиот теснец. Техеран со предупредување до САД за последиците од испраќањето американски копнени сили во Иран, споредувајќи ги со виетнамската војна...

Шефот на Белата Куќа не е задоволен од однесувањето на сојузниците и членки на НАТО. Очекувал повеќе затоа што САД потрошиле трилиони долари за нивната одбрана и со неговите постапки во Иран спречил глобален конфликт. Особено е разочаран од Обединетото Кралство. Сепак, оцени дека некои земји имаат ентузијазам за учество во безбедноста на Ормускиот теснец. Трамп е изненаден што никој не го информирал пред војната дека Иран би можел да се одмазди врз соседните земји.

„Никој, ниту најголемите експерти, никој не помислил дека ќе нападнат. Тие беа, не би рекол пријателски земји, беа неутрални, живееја со нив со години. Тие ќе го преземеа Блискиот Исток, ќе го уништеа Израел со нивното нуклеарно оружје. Но, откако го нокаутиравме нивниот нуклеарен потенцијал, тие почнаа да градат илјадници ракети. Дали знаете дека ако не го раскинев нуклеарниот договор на Барак Хусеин Обама со Иран, Израел би го снемало, а веројатно и Блискиот Исток исто така. Обединетите Арапски Емирати се како банкар за Иран. Катар, нивните соседи, се сложуваат добро. Саудиска Арабија Одеднаш, Кувајт е погоден, Бахреин е погоден Немаше експерт што би рекол дека тоа ќе се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

ЕУ децидна, нема да учествуваат во конфликтот во Иран. Германскиот канцелар Мерц вели дека војната не е прашање на НАТО, а сојузниците веќе се заложиле да обезбедат дополнителна безбедност во Медитеранот.

„НАТО е одбранбен, а не интервентен сојуз. Затоа, се надевам дека ќе се однесуваме еден кон друг со потребното почитување во рамките на алијансата. Делиме иста цел. На овој ирански режим мора да му дојде крајот. Мора да биде заменет со демократски легитимна влада. Но, врз основа на целото искуство што го стекнавме во претходните години и децении, неговото бомбардирање до покорност, најверојатно, не е правилен пристап“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Техеран ги предупреди САД да не распоредуваат трупи на нивна територија.

„Сега се фокусираме на одбрана на нашиот територијален интегритет и нашиот национален суверенитет. Се што може да не одвлече од оваа херојска националистичка одбрана не е опција засега. Оние кои ја почнаа оваа агресија, оваа војна по избор, оние кои почнаа да го напаѓаат Иран, тие мора да одлучат да го спречат ова нелегално, неодговорно, нечесно однесување“, изјави Саид Хатибзаде, заменик-министер за надворешни работи на Иран.

И додека неизвесноста за транзитот на нафтата расте, израелските сили го нападнаа поморскиот штаб на Иранската револуционерна гарда. Во исто време, војската објави дека ја зајакнала северната граница на Израел со Либан. Американската амбасада во Ирак одново погодена со ракета.

„Се подготвивме за оваа продолжена војна, очекувавме дека Хезболах ќе отвори оган. Ја зајакнавме одбраната долж границата во повеќе од 15 различни области и во последните денови ги повикавме резервите. Моментално имаме над 100.000 резервисти и ги зголемуваме силите во сите сектори“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија и Италија во заедничко соопштение, изјавија дека израелската копнена офанзива во Либан би имала разорни хуманитарни последици.

 

Маријана Димовска