ЕУ децидна, нема да учествуваат во конфликтот во Иран
Војната со Иран нема да заврши оваа недела, нема да трае долго, но ќе заврши наскоро, светот ќе биде побезбеден потоа, уверува шефот на Белата Куќа. Трамп не е задоволен од однесувањето на сојузниците и членки на НАТО по прашањето за војната на Блискиот Исток. ЕУ децидна, нема да учествуваат во конфликтот во Иран. Германскиот канцелар Мерц вели дека војната не е прашање на НАТО. Техеран ги предупреди САД да не распоредуваат трупи на нивна територија...

Војната со Иран нема да заврши оваа недела, нема да трае долго, но ќе заврши наскоро, светот ќе биде побезбеден потоа, уверува шефот на Белата Куќа. Трамп не е задоволен од однесувањето на сојузниците и членки на НАТО по прашањето за војната на Блискиот Исток, но некои земји покажале ентузијазам за учество во безбедноста на Ормускиот теснец. Трамп е изненаден што никој не го информирал пред војната дека Иран би можел да се одмазди врз соседните земји.
„Дали знаете дека ако не го раскинев нуклеарниот договор на Барак Хусеин Обама со Иран, Израел би го снемало, а веројатно и Блискиот Исток исто така. Обединетите Арапски Емирати се како банкар за Иран. Катар, нивните соседи, се сложуваат добро. Саудиска Арабија. Одеднаш, Кувајт е погоден, Бахреин е погоден. Немаше експерт што би рекол дека тоа ќе се случи“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
ЕУ децидна, нема да учествуваат во конфликтот во Иран. Германскиот канцелар Мерц вели дека војната не е прашање на НАТО, а сојузниците веќе се заложиле да обезбедат дополнителна безбедност во Медитеранот.
„НАТО е одбранбен, а не интервентен сојуз. Затоа, се надевам дека ќе се однесуваме еден кон друг со потребното почитување во рамките на алијансата. Делиме иста цел. На овој ирански режим мора да му дојде крајот. Мора да биде заменет со демократски легитимна влада. Но, врз основа на целото искуство што го стекнавме во претходните години и децении, неговото бомбардирање до покорност, најверојатно, не е правилен пристап“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Техеран ги предупреди САД да не распоредуваат трупи на нивна територија. Иран не сигнализирал ниту побарал прекин на огнот, изјави шефот на дипломатијата Арагчи.
„Кога велиме дека не сакаме прекин на огнот, тоа не е затоа што сакаме да ја продолжиме војната. Војната мора да заврши на начин што непријателите никогаш нема да помислат да ги повторат нападите. Верувам дека научија длабока лекција и сфатија со каква земја се соочуваат – земја која нема да се двоуми да ја брани сопствената безбедност и е подготвена да ја продолжи војната по секоја цена“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
И додека неизвесноста за транзитот на нафтата расте, израелските сили го нападнаа поморскиот штаб на Иранската револуционерна гарда. Во исто време, војската објави дека ја зајакнала северната граница на Израел со Либан. Американската амбасада во Ирак одново погодена со ракета.
Маријана Димовска
