Финансии

МФ утврди дека некои финансиски друштва рекламирале кредити со 0% камата без да ги наведат сите трошоци

18.03.2026 17:32

Министерството за финансии утврди дека некои финансиски друштва рекламирале кредити со 0% камата без да ги наведат сите трошоци. Од Стопанската комора велат дека законот ги штити потрошувачите, а Министерството наложи отстранување на заблудливите реклами и најави мерки против прекршителите...

Откако Министерството за финансии утврди случаи на лажно рекламирање кредити со 0% камата од страна на некои финансиски друштва, од групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора велат дека Законот за заштита на потрошувачи прецизно ја регулира оваа тематика. Прецизно е наведено дека секоја реклама треба да ги содржи сите трошоци, доколку не се наведени не треба да му се наплаќаат на клиентот.

При земањето кредит корисниците внимателно и детално треба да го прочитаат амортизацискиот план на отплата кој ги содржи месечните отплати со износот на главницата, дел од каматата која се отплаќа и стапката на вкупни трошоци-појаснува Јошевски.

Со носењето на Законот намален е и бројот на жалби од корисниците на брзи кредити, но и од ОЗП велат дека сè уште се присутни нечесните пазарни практики во делот на рекламирањето на финансиските друштва.

Министерството за финансии констатираше и други неправилности како користење различни брендови без јасно наведено друштво, повеќе веб-страници и несоодветни називи во деловните простории. Наложиле отстранување на сите реклами што можат да ги доведат граѓаните во заблуда, со најава за мерки доколку тоа не се испочитува.

 

Александра Велинова