Блиски Исток

Израел продолжува да го таргетира политичкиот врв во Иран

17.03.2026 19:07

Израел тврди дека ликвидирале двајца високи функционери во Иран. Во Техеран воздржани со реакција. Војната продолжува, пријавени беспилотни летала во заливските земји. Со ракета одново погодена американската амбасада во Багдад. Иран негира дека бара прекин на огнот. Американскиот претседател со став, војната нема да трае долго. Трамп е незадоволен од НАТО сојузниците по прашањето за војната и безбедната пловидба низ Ормускиот теснец.

Израел продолжува да го таргетира политичкиот врв во Иран. Во Техеран убиен претседателот на Врховниот совет за национална безбедност Али Лариџани и шефот на паравоената формација Басиж, Голам Реза Солејмани.

„Им наложиме на Израелските одбранбени сили да продолжат и да го ловат раководството на режимот на теророт и угнетување во Иран. Да ја отсечат главата на октоподот и да не го остават да расте. Началникот на Генералштабот ме извести дека секретарот на Советот за национална безбедност Лариџани и шефот на Басиж – беа елиминирани преку ноќ и се придружија на Хамнеи и остатокот од Оската на злото кои беа елиминирани и се во длабочините на пеколот“, изјави Израел Кац- министер за одбрана на Израел.

Продолжија и иранските напади врз Израел и земјите од Заливот. Американската амбасада во Ирак одново погодена со ракета, пресретнати ракети во Саудиска Арабија. Војната со Иран нема да трае долго, ќе заврши наскоро и светот ќе биде побезбеден, уверува шефот на Белата Куќа. Трамп не очекувал Иран да ги напаѓа соседните земји – не е задоволен од сојузниците и членки на НАТО по прашањето за војната на Блискиот Исток, но вели дека некои земји покажале ентузијазам за безбедноста на Ормускиот теснец.

„Дали знаете дека ако не го раскинав нуклеарниот договор на Барак Хусеин Обама со Иран, Израел би го снемало, а веројатно и Блискиот Исток исто така. Обединетите Арапски Емирари се како банкар за Иран. Катар, нивните соседи, се сложуваат добро. Саудиска Арабија. Одеднаш, Кувајт е погоден, Бахреин е погоден. Немаше експерт што би рекол дека ќе се случи тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

ЕУ децидна, нема да учествува во конфликтот.

„НАТО е одбранбен, а не интервентен сојуз. Затоа, се надевам дека ќе се однесуваме еден кон друг со потребното почитување во рамките на алијансата. Делиме иста цел. На овој ирански режим мора да му дојде крајот. Мора да биде заменет со демократски легитимна влада. Но, врз основа на целото искуство што го стекнавме во претходните години и децении, неговото бомбардирање до покорност, најверојатно, не е правилен пристап“, изјави Фридрих Мерц – канцелар на Германија.

Иран одново негира дека побарал прекин на огнот.

„Кога велиме дека не сакаме прекин на огнот, тоа не е затоа што сакаме да ја продолжиме војната. Војната мора да заврши на начин што непријателите никогаш нема да помислат да ги повторат нападите“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Меѓународната заедница повика на деескалација и предупредува за ризик од натамошно проширување на конфликтот во повеќе земји од Блискиот Исток.

 

Маријана Димовска