Економија

Се разгледуваат мерки по поскапувањето на горивата

17.03.2026 19:40

По најновото поскапување на горивата, очите се вперени кон „Илинденска“ број два. Се чека, дали и каков потег ќе повлече владата, од каде потврдија дека една од опциите е да се намали ДДВ-то од 18 на 10 проценти, па на пет. СДСМ најави дека законските измени кои ги изнесоа како предлог, ќе ги пуштат во собраниска процедура. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека активно се следи состојбата и ако треба веднаш ќе се интервенира со мерки. ДУИ бара оставка од министерот за економија.

Владата останува фокусирана на стабилен економски раст и подобрување на животниот стандард, откако Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Ако цените продолжат да растат, ќе се намали ДДВ-то за горивата од 18% на 10%, а потоа и на 5%, предложија од Владата. Оттаму најавија и намалување на нафтените деривати за околу 2,5 денари по литар.

Помало ДДВ, намалување на акцизите, преполовување на цените за патарините. Од СДСМ велат дека ќе предложат пакет закони за справување со кризата и ја обвинија Владата дека работи недомаќински.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата од опозицијата. Велат, Владата активно ја следи состојбата и ако треба веднаш ќе се интервенира со мерки.

Се огласија и од ДУИ. Велат дека по бранот поскапувања на нафтените деривати, Владата не правела ништо за да го заштити животниот стандард на граѓаните. Побараа да се разреши министерот за економија, оти немал план за справување со кризата.

И покрај растот на цената на горивата, Македонците возат по скоро најниски цени во регионот. Поевтини горива од нас имаат Бугарија и Косово, а поскапи Србија со 1,54 евра, Босна и Херцеговина и Србија со 1,54 евра, Албанија со 2 евра по литар.

Владата барем, за сега, не гледа причина за прогласување кризна состојба, и покрај економските ризици од конфликтот на Блискиот Исток.

 

Борис Грујоски