Партии

Филипче го исклучува Шилегов од СДСМ

17.03.2026 18:51

„Петре Шилегов одработува за ВМРО-ДПМНЕ“ – ова, како што вели лидерот на СДСМ Филипче, била главната причина за одлуката за иницирање постапка за исклучување од партијата на поранешниот пратеник, скопски градоначалник и член на раководството. Донесена била со консензус по сите проверки и информации за неговото дејствување. Шилегов со одговор – не јас, туку актуелното раководство одработува за ВМРО-ДПМНЕ за да се спаси од кривичен прогон. Го повика Филипче да дојде во општинската организација во Карпош и заедно со членството да разговараат за неговото исклучување.

Одлуката на извршниот одбор за иницирање постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството е донесена едногласно по направени внатрепартиски проверки. Се работи за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче. Тој посочи дека се почитувало и се слушало туѓото мислење, така е и сега, така и ќе биде понатаму. Но, тука не станува збор за туѓо и поинакво мислење затоа што и тоа мислење беше сослушано, туку за процес за одработување за ВМРО ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата, вели Филипче.

Поранешниот скопски градоначалник којшто беше долгогодишен функционер во партија вели во извршниот одбор нема кој да го прочита партискиот статут. Доколку го проучиле ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација во која тој член припаѓа, во која претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател. Шилегов како што рече го повикува Филипче да дојде во општинската организација во Карпош, да се разговара со членството, да се соочат аргументите на двете страни.

Претседателот на СДСМ најави одржување на конгрес на кој треба да се усвојат програмски документи за идеолошкиот профил за идно дејствување на партијата. Филипче ќе покрене и скопска иницијатива да се разговара со сестринските партии од регионот за перспективите на евроинтеграциите.

 

Игор Панов