Пиротехниката била безбедносен ризик и обезбедувањето морало да реагира, рече сведок на рочиштето за „Пулс“
„Со оглед на фактот дека во вакви објекти мора да се почитуваат и други закони, на видно место да бидат поставени табли кои предупредуваат дека не е дозволено присуство на малолетници, обезбедувањето морало да реагира или да го извести сопственикот на објектот“ – ден по годишнината од трагедијата во Кочани, со распит на сведоци на обвинителството во судницата во „Идризово“ продолжи процесот за пожарот во дискотеката „Пулс“. Сведочеше претседателката на Комората за приватно обезбедување, појаснувајќи го начинот на кој се добиваат лиценците, но и кои се обврските и задолженијата на вработените...

Ангажманите за приватно обезбедување на клубови треба да се потврдат со писмен договор, тоа е легалната пракса. Ова го тврди претседателката на Комората за приватно обезбедување Верица Милеска – Стефановска која сведочеше на страна на обвинителството за случајот „Пулс“. Сведокот појасни и дека обврска на лицата кои обезбедуваат е да спречат внесување на опасни средства во објектот, а доколку утврдат дека некој сака да ги внесе, треба да ги одземат, лицето да го задржат и да повикаат полиција. Доколку пак, обезбедувањето дојде подоцна, а опасно средство е веќе внесено, одговорноста за безбедноста паѓа врз сопственикот, рече сведокот.
„Ако некое лице носи општо опасно средство, обезбедувањето има право да го претресе, да го задржи и да повика полиција. Обезбедувањето има ингеренции да реагира, но, зависи дали средството е внесено пред да пристигне обезбедувањето. Ако средствата се внесени претходно, одговорноста е кај сопственикот. И употребата на пиротехника има безбедносен ризик“, рече Милеска – Стефановска.
Во овој контекст, на претходните судски рочишта токму одбраната посочи дека немало никаков писмен договор за приватно физичко обезбедување, па оттука немале ниту обврски.
На рочиштето беше сослушана и Маја Тимовска од Дирекцијата за заштита и спасување која зборувајќи генерално објасни дека дискотеките во земјава имаат обврска да изработат план, проценка, правилник и елаборат за заштита и спасување.
На следното рочиште обвинителството ќе достави предлог – листа на сведоци од кои се откажува. Станува збор за десетина луѓе за кои постои проценка дека нивните искази ќе се повторуваат. Некои од нив сè уште не се во земјава бидејќи се лекуваат во странство.
Анита Димитријевска – Велковска
