Иран започна со одмазднички удари врз Израел
Откако ја потврди смртта на двајцата високи функционери убиени во израелски напади, Иран почна со одмазднички удари врз Израел. САД, пак, напаѓаат ирански ракетни позиции во Ормускиот теснец. Во меѓувреме, американскиот претседател Трамп ја одложи посетата на Кина …

Иран ја потврди смртта на двајцата високи функционери во земјата Лариџани и Солејмани, убиени во израелските напади, по што започна интензивни одмазднички удари врз Израел и кон соседите во регионот. Пријавени се штети на објекти во Израел, дрон падна во комплексот на американската амбасада во Багдад, а проектили погодија и цели во близина на австралиската база во ОАЕ.
„Имаше мала штета на сместувачкиот блок и медицинската установа поради пожар како резултат на ударот на проектилот. Можам да потврдам дека нема повреден австралиски персонал и дека сите се безбедни“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Израел продолжи со напади врз Иран и проиранските групи во Либан. Нетанјаху тврди дека ликвидацијата на Лариџани имала цел да го поткопа режимот во Техеран.
„Го поткопуваме овој режим со надеж дека ќе му дадеме шанса на иранскиот народ да го отстрани. Тоа нема да се случи одеднаш, нема да се случи лесно. Но, ако истраеме во ова, ќе им дадеме шанса да ја земат својата судбина во свои раце“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
САД ги нападнаа иранските ракетни позиции во близина на Ормускиот теснец, додека Трамп е соочен со тешкотии поради неподдршката од сојузниците и оставката на неговиот клучен човек во администрацијата Џо Кент. Трамп остро го критикува НАТО, предупредувајќи дека недостигот од поддршка ја доведува во прашање довербата во Алијансата.
„И покрај фактот дека им помогнавме толку многу, тие не сакаат да ни помогнат. Мислам дека НАТО прави многу глупава грешка. Знаете, се прашувам дали НАТО некогаш ќе биде таму за нас. Ова беше одличен тест, не ни требаат, но требаше да бидат таму“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Покрај критиките кон НАТО, Трамп го одложи и патувањето во Кина, продолжувајќи да врши притисок врз светските сили за контролата на Ормускиот теснец. Франција најави подготвеност да помогне во обезбедувањето на пловидбата, но само откако ќе престане бомбардирањето.
„Нема да учествуваме во операции за повторно отворање или ослободување на Ормускиот теснец, но штом ситуацијата се смири подготвени сме заедно со другите нации, да преземеме одговорност“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Иран тврди дека се брани и не е одговорен за прекинот во Ормускиот теснец.
„Иран немаше намера да го затвори Ормускиот теснец, но тој е затворен затоа што мора да се браниме. Не сакавме да ги напаѓаме ниту соседните земји, но, непријателот лансира ракети оттаму, треба ли да седиме и да не преземеме ништо? Тоа е наше неотуѓиво право“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на иранскиот парламент.
Во меѓувреме, два брода под индиско знаме што носат течен нафтен гас го преминаа теснецот и пристигнаа во Индија. ОН повикаа на прекин на борбите на Блискиот Исток и на дипломатско решение.
Бојана Крстевски
