Култура

Поетско-музичка вечер „Светот ја слави поезијата, градот ја слуша“ вечерва во Лабораториум

18.03.2026 08:51

Триесетина поети ќе учествуваат на целовечерниот поетско-музички настан по повод Светскиот ден на поезијата, што ќе се одржи вечерва во 19 часот во „Лабораториум“ во Скопје...

Триесетина поети ќе учествуваат на целовечерниот поетско-музички настан по повод Светскиот ден на поезијата, што ќе се одржи вечерва во 19 часот во „Лабораториум“ во Скопје. Ноќта ќе биде посветена на зборот, а неразделна од зборот е и музиката. Ќе настапи и Зарина Првасевда, а по поетското читање ќе следува и забава со иновативните звуци на „Поетроника“.

Овој поетско-музички собир ќе биде и најава за „Антологија на патот“, зашто приредувачката на „Антологија на копнежот“, Виолета Танчева-Златева, продолжува со својата мисија за забележување и вреднување на придонесот на секој поет од домашната сцена.

– Поезијата не е само традиција, туку и живо дишење на градот, енергија што се пренесува од генерација на генерација. „Лабораториум“ станува простор во кој младите и искусните поети ќе се сретнат, зборот ќе стане музика, а музиката заеднички јазик – велат организаторите.

Настанот е поддржан од Општина Центар, а влезот е слободен.