Грција

Штрајк на грчките таксисти поради новиот закон за транспорт

18.03.2026 09:47

Законот предвидува новите такси лиценци во големите градови да бидат само за електрични возила, што возачите го сметаат за прескапо и пребрзо воведено...

Таксистите во Грција почнаа 24-часовни штрајкови кои ќе траат до петок поради нов закон за транспорт што, според нив, неправедно ја погодува индустријата. Законот предвидува новите такси лиценци во големите градови да бидат само за електрични возила, што возачите го сметаат за прескапо и пребрзо воведено. Синдикатите бараат и мерки против конкуренцијата од апликации за превоз, како и даночни олеснувања. Штрајкот може да предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот, вклучително и блокади кон аеродромот во Атина.

„Законот што се предлага на гласање, поточно член 52, се обидува да ја изедначи нашата професија со онаа на приватните оператори. Ова е нешто што нема да дозволиме да се случи. Донесената одлука е да се продолжат штрајковите сè додека законот остане во надлежните комисии, сè додека не се донесе пред пленарната седница на Парламентот за гласање“, изјави Сократ Јоакимидис, заменик-секретар на Синдикатoт на такси возачи од Атика.

„Наметнуваат електрични возила на таксистите во Атина и Солун, и покрај недостатокот на соодветна инфраструктура. Ќе ја браниме одржливоста на нашата професија и ќе го браниме правото на општеството на јавен превоз“, изјави Тимиос Лимберопулос, претседател на Синдикатoт на такси возачи од Атика.