Нападите засилени од двете страни
Блискиот Исток во пламен – Иран возвраќа со напади по убиството на високи функционери, додека Израел тврди дека ликвидирал уште еден ирански лидер-министерот за разузнавање, Есмаил Хатиб. Расте стравот од поширок конфликт по ударот врз нуклеарната централа Бушер, а ОН повикува на итен прекин на огнот. Во меѓувреме, САД напаѓаат кај Ормускиот теснец, Трамп го критикува НАТО, а Франција нуди помош за безбедна пловидба.

Ден откако Иран ги потврди убиствата на двајцата високи функционери, Израел соопшти дека го таргетирале и иранскиот министер за разузнавање, продолжувајќи ги нападите врз Техеран и Бејрут.
„Го поткопуваме овој режим со надеж дека ќе му дадеме шанса на иранскиот народ да го отстрани. Тоа нема да се случи одеднаш, но ако истраеме во ова, ќе им дадеме шанса да ја земат својата судбина во свои раце“, изјави Бенајмин Нетанјаху – премиер на Израел.
Иранските власти тврдат дека убиството на Лариџани нема да ја дестабилизира земјата, возвраќајќи со одмазднички напади кон Израел и земјите во регионот. Пријавени се штети во Израел, дрон падна во комплексот на американската амбасада во Багдад, а проектили погодија и цели во близина на австралиската база во ОАЕ.
„Имаше мала штета на сместувачкиот блок и медицинската установа поради пожар како резултат на ударот на проектилот. Можам да потврдам дека нема повредени и сите се безбедни“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.
Нападите врз урбаните средини во соседните земји се вина на САД – порача Техеран.
„Ова не е наша вина, туку на Америка. Тие ги преместија своите сили од воените бази во хотели во градовите; генерално, однесувањето на САД е тоа што го доведе регионот до оваа ситуација“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.
Иран и Русија тврдат дека проектил ја погодил нуклеарната централа Бушер, зголемувајќи го ризикот од радиолошки инцидент во услови на ескалација на конфликтот.
„Ги повикуваме сите страни да ги прекинат непријателствата, да ги искористат дипломатските канали и повторно да се посветат на целосно спроведување на Резолуцијата на Советот за безбедност“, изјави Фархан Хак -заменик-портпарол на генералниот секретар на ОН.
Во истовреме, САД напаѓа долж Ормускиот теснец, а Трамп остро го критикува НАТО, предупредувајќи дека недостигот од поддршка ја доведува во прашање довербата во Алијансата.
„И покрај фактот дека им помогнавме толку многу, тие не сакаат да ни помогнат. Мислам дека НАТО прави многу глупава грешка. Знаете, се прашувам дали НАТО некогаш ќе биде таму за нас. Ова беше одличен тест, не ни требаат, но требаше да бидат таму“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Трамп го одложи и патувањето во Кина, продолжувајќи да врши притисок врз светските сили за контролата на Ормускиот теснец.
„Нема да учествуваме во операции за повторно отворање или ослободување на Ормускиот теснец, но штом ситуацијата се смири подготвени сме заедно со другите нации, да преземеме одговорност“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
„Иран немаше намера да го затвори Ормускиот теснец, но тој е затворен затоа што мора да се браниме. Не сакавме да ги напаѓаме ниту соседните земји, но, непријателот лансира ракети оттаму, треба ли да седиме и да не преземеме ништо? “, изјави Мохамад Багер Калибаф -претседател на иранскиот парламент.
Во меѓувреме, два брода под индиско знаме што носат течен нафтен гас го преминаа теснецот и пристигнаа во Индија.
Бојана Крстевски
