Здравство

Пролетните алергии ги полнат амбулантите, се повеќе деца имаат одредена алергија

18.03.2026 17:05

Пролетта е сезона на непријатни симптоми на алергија. Цветањето на растенијата и појавата на полен предизвикуваа низа реакции особено кај децата. Со симптоми кивање, затнат нос, црвени и насолзени очи ги полнат амбулантите. За да не дојде до влошување на ситуацијата неопходна е соодветна терапија, велат докторите. Бараат нови современи лекови на позитивната листа...

Цветањето на дрвјата и на тревата почнаа да им прават проблеми на граѓаните. Едни поминуваат со растечен нос, јадеж во очите, кивавица, други имаат потешкотии со дишењето, поленот особено ги погодува и луѓето со астма.

„Јас имам проблем со алергии, користам лоратадинСега почнав да користам понов лек, кој не прави да спиеш. Најчесто имам проблеми со носот и со очите“.

„Немам проблем со алергии, некогаш со пчели“.

„Моментално немам, но кога ќе цвета липата имам проблем. Се гушам отежнато дишам. Пијам лекови“, велат анкетираните граѓани.

Пролетните алергии ги полнат амбулантите – се повеќе децата имаат одредена алергија – велат педијатрите. Важно е лекувањето да почне навреме, за да не дојде до влошување на состојбата, оние кои се чувствителни на поленот да земаат терапија уште во почетокот на сезоната.

„Бидејќи имаме и пациенти кои задоцнето се јавуваат кога една алергија ќе направи влошување во смисла на накалемување на бактериска или вирусна инфекција, тука проблемот е потежок да го решиме. Секое влошување значи дека трошиме и време и средства и лекови за да ја вратиме во нормала состојбата на пациентот, а тој ќе остане подолго време на кортикостероиди и антихистаминици“, изјави д-р Мира Атанасова – специјалист педијатар.

Лекарите бараат новите современи лекови за алергии да се стават на позитивната листа. Со нив алергиите минуваат полесно и не даваат поспаност.

„Предноста нивна е дека тие немаат седативен ефект, а ние имаме работоспособно население кое работи на машина, со возило, значи мора да има зголемена концентрација за време на работниот престој. На фонд се само лекови кои се од стара генерација. Апелирам фондот да ни овозможи на матичните лекари да имаме препис на новогенерациските антихистаминици“, додава д-р Мира Атанасова – специјалист педијатар.

Иако алергиите се најизразени во овој период, присутни се во текот на целата година.

Будењето на вегетацијата им создаде проблеми и на возрасните и на децата. Лекарите советуваат – граѓаните кои имаат алергиски симптоми неопходно е да побараат стручна помош. Навремената реакција е клучна за полесно справување со пролетните алергии.

Андријана Ѓурческа