Скапата нафта ги притиска земјоделците – можно ново поскапување на храната
Со растот на цените на дериватите, поскапуваат и ѓубривата, земјоделците се надеваат дека кризата ќе се смири и ударот врз производството ќе се ублажи пред сезоната. Од владата уверуваат дека ја следат состојбата...

Случувањата во Блискиот Исток и порастот на цената на нафтата – закана за поскапување на храната. Земјоделците велат дека ќе бидат принудени да ја покачат цената на земјоделските производи, имајќи предвид дека суровините, односно ѓубривата, се први на удар.
„Со сегашниве случувања во светот и војната, која никој не ја посакува, дојде до големи турбуленции на берзите за нафта, а сите суровини и ѓубрива се увезуваат од овој регион. Очекуваме значително зголемување на цените и во малопродажба. Државата, односно Министерството за земјоделство, треба навреме да преземе мерки, како што е активирањето на т.н. Кризен фонд, за да помогне во набавката на суровините, односно ѓубривата“, рече Јорданоски.
Надлежните ја следат состојбата и велат, ако е потребно, веднаш ќе се интервенира.
„Важно е во делот на цената на ѓубривата и нафтените деривати, бидејќи како министерство ги следиме состојбите секојдневно. Ќе ги анализираме трендовите. Доколку има потреба, секако, како министерство ќе излеземе со конкретни мерки и предлози за справување со ваквата состојба“, изјави Трипуновски.
Од владата, барем засега, не очекуваат проблеми при откупот на јагнињата, за кои кланиците понудиле цена од 260 денари.
Земјоделците се соочуваат со потешкотии, како ниските откупни цени, но и недостиг од работна сила. Овчарите се дефицитарен кадар и веќе не може да се најде овчар ниту за плата од 2.000 евра.
Борис Грујоски
