Блиски Исток: Повици за итен прекин на огнот
Додека се разгорува војната на Блискиот Исток, цената на нафтата дивее на светските берзи. Од изутрината достигна цена од над 110 долари за барел. Откако Иран удри врз енергетски објекти низ персискиот залив, предизвикувајќи огромна штета на гасната постројка во Катар, Трамп се закани дека ќе го уништи најголемото гасно поле во Иран...

Ситуацијата на Блискиот Исток драматично ескалира по ликвидациите на високи ирански функционери и по израелскиот напад врз гасното поле Јужен Парс во Иран. Техеран возврати со удари врз енергетски објекти низ Персискиот Залив, при што е предизвикана голема штета на постројки за течен природен гас во Катар, а дел од капацитетите во Абу Даби беа привремено прекинати.
„Направивте голема грешка, идните напади нема да престанат додека не бидат целосно уништени“ изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на штабот на иранската Катам ал-Анбија.
Американскиот претседател Трамп се закани со силен воен одговор доколку Катар повторно биде нападнат.
„Ако Катар повторно биде нападнат, САД масовно ќе го уништат целото гасно поле Јужен Парс со сила каква што Иран никогаш не видел. Не сакам да одобрам вакво ниво на насилство, но нема да се двоумам да дејствувам“, изјави на Доналд Трамп, претседател на САД.
Закани за одговор пристигнаа и од Саудиска Арабија, по нападите врз кралството за време на министерски состанок во Ријад, додека Катар ги протера воените и безбедносни ирански аташеа.
„Иран не верува во дипломатија и наместо тоа врши притисок врз соседите. Кралството нема да потклекне. Напротив, овој притисок ќе има спротивен ефект – ескалацијата ќе биде пречекана со ескалација“, изјави Фајсал бин Фархан, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Нападите врз енергетските капацитети веќе предизвикаа раст на цените на нафтата и страв од поширока енергетска криза. Франција и Австралија повикаа на запирање на нападите, предупредувајќи дека конфликтот ќе има сериозни последици врз глобалната економија и снабдувањето. Се интензивираат и борбите меѓу Израел и Хезболах. Во близина на Ормускиот теснец повторно погодени бродови од непознати проектили.
„Не веруваме дека постои воено решение за овој проблем. Ги повикуваме сите страни да избегнат понатамошна ескалација“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ООН.
Повици за итен прекин на огнот и враќање кон дипломатијата пристигнаа и од Ватикан, додека меѓународните организации предупредуваат на ризик од дополнителна дестабилизација на регионот.
Бојана Крстевски
