Самит на ЕУ во Брисел - во фокус војната со Иран
Лидерите на ЕУ на состанок во Брисел. Разговараат за воената ескалација на Блискиот Исток и ситуацијата во Иран, вклучувајќи ги и нејзините последици врз ЕУ во однос на цените на енергијата и енергетската безбедност. Во фокусот и стратешката конкурентност на ЕУ, следната повеќегодишна финансиска рамка, безбедноста и одбраната и миграцијата.

Во Брисел денеска се отвора првиот редовен самит на Европската унија годинава, но наместо економијата, во фокусот е војната со Иран. Конфликтот, иако илјадници километри далеку, веќе ги тресе европските пазари и политиката.
Лидерите на земјите членки се соочуваат со тешка дилема: како да повикаат на брз крај на војната, без директно да се вмешаат во неа. Се бара заеднички став, но прашањето е дали унијата може да зборува со еден глас во ситуација кога интересите не се секогаш исти.
„Сакам да испратиме јасен сигнал дека сме подготвени да помогнеме. Но, за да се случи тоа, борбите мора да престанат. Доколку е можно Иран да се откаже од својата нуклеарна програма, ја прекинува поддршката за тероризмот и е подготвен да се вклучи во разговори во наредните денови, тогаш се движиме во вистинската насока, но ќе продолжиме да се соочуваме со овие предизвици уште долго време“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Самитот кој првично требаше да биде посветен на конкурентноста, сега се сведува на кризни сценарија. Цените на енергенсите растат, а со нив и притисокот врз европските економии. Се отвораат теми за нови даноци за енергетските компании, но и за можен нов бран бегалци од регионот на Блискиот Исток.
„Јасно е дека ни е потребен излез од оваа војна, а не ескалација“, рече Каја Калас – шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Дополнителна неизвесност носи и прашањето за Ормускиот теснец – клучна точка за глобалното снабдување со нафта. Дали некои земји од ЕУ би поддржале интервенција за негово отворање, останува без јасен одговор.
„Никој не може да игнорира дека сме соочени со предизвикувачки времиња околу енергијата и тоа мора да го потенцираме. Актуелниот конфликт во Иран покажа уште еднаш дека Најдобриот начин за предвидлив и сигурен хоризонт на нашата енергија е да го зголемиме сопственото производство на енергија. Ова е единствениот начин да станеме автономни, независни, што значи да го обезбедиме нашиот енергетски систем“, изјави Антонио Кошта – претседател на Европскиот совет.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најавува дека самитот може да заврши за еден ден.
Катерина Топалова
