Новиот државен јавен обвинител Савески даде свечена изјава
Секој предмет има еднакво значење, нема да правам приоритети, новиот државен јавен обвинител Ненад Савески положи заклетва пред собранискиот спикер, Африм Гаши. Се обврза на почитување на Уставот и законите. Савески убеден дека заедно со колегите ќе ги исполнат очекувањата на граѓаните.

Новиот државен јавен обвинител Савески даде свечена изјава по што пред медиумите изјави дека неговата работа ќе ја темели врз Uставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди. Порача дека секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети.
„Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив. Убеден сум дека заедно ќе ги исполниме очекувањата на граѓаните, во чие име постапуваме согласно уставот и законите“, изјави Савески.
Тој ја доби поддршката на владејачките партии, но не и поширока политичка поддршка од опозициските пратеници. Савески вели дека очекувал поширока поддршка, но, интересите на политичките партии не се мој интерес, ниту вчера ниту денес, ниту во иднина, посочи тој. Савески најави дека ќе се заложи за отчетност, транспарентност и дигитализација, бидејќи смета дека токму условите за работа се најголем проблем во обвинителството.
Савески изврши примопредавање со досегашната вршителка на должноста Анита Тополова Исајловска. На првиот работен ден се сретна и со јавнообвинителските службеници, со кои разговараше за плановите и приоритетите во однос на функционирањето на јавно обвинителската организација.
Савески е деветти републички обвинител од независноста во 1991 година, односно 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на Љупчо Коцевски, а мандатот трае шест години со можност за повторен избор.
Игор Панов
