Случај „Пулс“

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи со нови сведочења

19.03.2026 17:25

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи во судницата во „Идризово“. Исказ даде вработен во Дирекцијата за заштита и спасување, сведок предложен од Јавното обвинителство. Посочи дека институцијата нема инспектор за редовен надзор во градот од 2012 година, вонредни се вршат само по налог или пријава. Обвинителството достави список за повлекување на сведоци, судењето продолжува на 25 март.

Пред кобниот 16 март 2025-та година, во дискотеката „Пулс“ не бил направен ниту еден вонреден ниту редовен инспекциски надзор, сведочеше пред судот Живко Ставревски заменик на генералниот инспектор во ДЗС. За да бидат направени вакви контроли тврди оти бил потребен налог, а редовната инспекција немал кој да ја спроведе оти во Кочани нема инспектор од дирекцијата од 2012 година.

„Колку што знам досега немало за „Пулс“ вонреден надзор или поплака. Самиот инспектор би можело хипотетички да изврши вонреден надзор, меѓутоа повторно ќе му биде потребен налог. Налогот го баравме од претпоставениот. Љупчо Грнчиштанов генералниот инспектор“, изјави Живко Ставревски, вработен во ДЗС.

Кабареа и дискотеки во Македонија до трагедијата на 16 март воопшто не биле контролирани од страна на Дирекцијата за заштита и спасување. Сега вонредните инспекциски надзори на угостителските објекти се прават по барање на МВР и други институции, тврди сведокот. За да ги направат ваквите надзори инспектори се праќаат од Скопје, но и од другите градови поради недостиг на кадар во институцијата.

„Не се вршени контроли, не можам да знам дали колегите од подрачните одделенија во сите овие години вршеле и во такви субјекти инспекциски надзор“, изјави Живко Ставревски, вработен во ДЗС.

Контролата на пиротехниката според Ставревски не била надлежност на ДЗС, а сервисирањето на противпожарните апарати тврдеше дека е одговорност на сопственикот на објектот или правното лице.

 

Викторија Милевска