Продолжуваат нападите на Блискиот Исток, експлозии во Ерусалим и Техеран
Продолжуваат нападите на Блискиот Исток. Експлозии во Ерусалим и Техеран. Заливските земји пресретнуваат дронови и ракети. Трамп бара 200 милијарди долари ново финансирање од Пентагон за дополнителна помош за војната во Иран…

Нападите на Блискиот Исток продолжуваат. Експлозии одекнуваат во Ерусалим и Техеран додека заливските земји јавуваат за пресретнати ирански дронови и ракети. Кувајтската рафинерија за нафта е повторно на удар. Додека одмаздничките напади на Техеран ги зголемуваат глобалните цени на нафтата, Израел се огласи на повикот на Трамп и соопшти дека повеќе нема да напаѓа големи ирански енергетски објекти.
„Израел дејствуваше сам против гасниот комплекс. Трамп нè замоли да се воздржиме од идни напади и ние се воздржуваме. Победуваме, Иран е десеткуван. Денес можам да објавам дека Иран нема можност да збогатува ураниум и да произведува балистички ракети, но е прерано да се каже дали иранскиот народ ќе ги искористи условите што им ги создаваме за да излезе на улиците“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во истовреме американскиот претседател потврди дека бара 200 милијарди долари ново финансирање од Пентагон за дополнителна помош за војната во Иран.
„Што се однесува до 200 милијарди долари, мислам дека таа бројка би можела да се помести. Потребни се пари за да се убијат лошите момци“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Енергетската криза продолжува да биде клучна тема на дискусија додека Ормускиот теснец останува затворен. Европските сојузници на САД изразија подготвеност да придонесат во обезбедувањето на пловидбата, повикувајќи го Иран веднаш да ги прекине заканите и нападите и да не го попречува меѓународниот превоз, оценувајќи дека тоа претставува закана за глобалната безбедност. Во заедничката изјава тие побараа и итен мораториум за напади врз цивилната инфраструктура.
„Преку разговорите што ги имав со емирот на Катар, а потоа и со претседателот Трамп, и во заклучоците што ги усвоивме, повикавме на итно спроведување на мораториум за напади насочени кон цивилната инфраструктура, особено енергетската и водоводната. Разговараме и за прашањето за Ормускиот теснец. Штом ситуацијата се смири, Франција е подготвена, заедно со другите нации, да ја преземе одговорноста за придружба на бродови“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Поморските придружби во Ормускиот теснец не се одржливо решение-истакна Генералниот секретар на Меѓународната поморска организација и најави преговори со земјите за воспоставување хуманитарен коридор во за ослободување на околу 20.000 морнари заглавени во Заливот поради војната.
„Поморската придружба не е одржливо ниту долгорочно решение и бара координација. Тоа е нешто што ние не го бараме. Треба да ја одржиме безбедноста на пловидбата. Подготвен сум веднаш да почнам да работам во преговорите за воспоставување хуманитарен коридор за евакуација на сите бродови и морнари кои се заробени“, изјави Арсенио Домингез, генералниот секретар на Меѓународната поморска организација.
Во истовреме, Велика Британија испраќа воени планери за соработка со САД за повторно отворање на Ормускиот теснец.
Бојана Крстевски
