Рурални подрачја

Стагнира интересот за купување парцели

21.03.2026 15:03

Намален е интересот за купување парцели во руралните подрачја. Нешто што стана актуелно по ковид пандемијата, но и што значајно ги зголеми цените на недвижностите...

Стагнира интересот за купување нови парцели во помалата општина од североистокот, Старо Нагоричане. Трендот за купување парцели и изградба на објекти, беше најизразен во периодо на ковид пандемијата. Граѓани од Куманово но и од другите градови бараа слободен простор во природа. Вредноста на недвижностите достигна и до четирикратно зголемување на цените.

„Факт е дека во периодот на короната се изградија многу објекти, се купија многу парцели и вредноста на имотот порасна значително. Но, во последните две до три години има реална стагнација во побарувањата и цените“, истакна градоначалникот на Старо Нагоричане, Мирослав Славковски.

Во однос на приходите на општината, по основ на данок на промет на недвижности, нема некој значаен прилив во буџетот.

Богатото културно историско и природно наследство ја прават Старо Нагоричане една од најатрактивните општини во руралните подрачја.

На нејзина територија се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино, прочуена на светската мапа, манастирот Карпино, црквата Свети Ѓорѓи, спомен костурницата Зебрњак, меморијалниот центар АСНОМ. Но општината сè уште нема формирано туристичко здружение.

 

Елена Георгиевска