Русија напаѓа, помошта за Киев заглавена
Европскиот заем од 90 милијарди евра за Киев, неопходен за воена одбрана на земјата, повторно остана заглавен на самитот на ЕУ во Брисел. Унгарскиот премиер Орбан децидно одби да ја тргне блокадата за заемот додека Украина не ја пушти нафтата...

Жртви и повредени во продолжените руски напади врз Запорожје, додека европскиот заем од 90 милијарди евра за Киев, неопходен за воена одбрана на земјата, повторно остана заглавен на самитот на ЕУ во Брисел. Унгарскиот премиер Орбан децидно одби да ја тргне блокадата за заемот додека Украина не ја пушти нафтата. Европските лидери јавно го обвинија дека ја држи заедничката политика како заложник на сопствените изборни и енергетски пресметки. Претседателката на европската комисија Фон дер Лајен вети дека и покрај противењето, ЕУ ќе најде начин да ѝ помогне на Украина. Словачка ги прекина итните испораки на електрична енергија за Киев и е подготвена да преземе дополнителни мерки, се закани премиерот Роберт Фицо.
„Договор си е договор, мора да си го држиме зборот. Никој не може да го уценува Европскиот совет“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
„Заемот останува блокиран затоа што еден лидер не го почитува својот збор. Но, дозволете ми да го повторам она што веќе го кажав во Киев-ќе го исполниме на еден или на друг начин. Имаме предизвикувачки задачи пред нас, но денес ја зајакнавме нашата решителност“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на ЕК.
„Она што го направив овде беше да ја срушам блокадата на нафтата којашто ни ја наметна Зеленски. Значи, ги бранев интересите на државата“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
