Израел ги запира нападите врз иранските гасни полиња
Војната на Блискиот Исток направи потрес на светскиот пазар. Експлодираа цените на гасот и на нафтата. Во обид да ја смири ситуацијата, израелскиот премиер Нетанјаху соопшти дека повеќе нема да ги напаѓа иранските енергетски објекти. На мораториум на ударите врз цивилната инфраструктура повика и ЕУ, која побара повторно да се отвори Ормускиот теснец. Понудата за помош од Западот за безбедно минување на бродовите полека почна да ги спушта цените на енергенсите...

„Безбедноста на непријателите мора да исчезне“ – порача новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, по израелската ликвидација на висок разузнавачки функционер во Техеран неделава. Пораката, упатена до претседателот Пезешкијан, објавена на државната телевизија.
„Безбедноста мора да им се одземе на внатрешните и надворешните непријатели и да им се обезбеди на сите наши сонародници“-стои во објавата.
Во меѓувреме, Израел и Иран ги засилуваат меѓусебните напади. Заливските земји јавуваат за пресретнати ирански дронови и ракети, а нафтената рафинерија во Кувајт повторно се најде под оган. Додека одмаздничките напади на Техеран ги зголемуваат глобалните цени на нафтата, Израел се огласи на повикот на Трамп и соопшти дека повеќе нема да напаѓа големи ирански енергетски објекти.
„Израел дејствуваше сам против гасниот комплекс. Трамп нè замоли да се воздржиме од идни напади и ние се воздржуваме. Победуваме, Иран е десеткуван. Денес можам да објавам дека Иран нема можност да збогатува ураниум и да произведува балистички ракети“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Техеран негира пораз и тврди дека продолжува со развој на ракети додека американскиот претседател Трамп бара 200 милијарди долари од Пентагон за дополнителна помош за војната во Иран.
„Потребни се пари за да се убијат лошите момци“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Енергетската криза се продлабочува по нападите врз најголемите гасни полиња. Катар најавува пад на извозот на течен природен гас за 17% во следните пет години и загуби од околу 20 милијарди долари годишно.
„Ваквите напади не носат директна корист за ниту една земја. Иранските тврдења дека нападите се против американските интереси се неприфатливи“, изјави Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, премиер на Катар.
Европскиот совет побара од Иран да ги прекине нападите и да воведе мораториум врз енергетската и водната инфраструктура, повикувајќи на деескалација и повторно отворање на Ормускиот теснец.
„Во заклучоците што ги усвоивме, повикавме на итно спроведување на мораториум за напади насочени кон цивилната инфраструктура, особено енергетската и водната. Разговараме и за Ормускиот теснец. Штом ситуацијата се смири, Франција е подготвена, заедно со другите нации, да ја преземе одговорноста за придружба на бродови“, изјави Емануел Макрон • претседател на Франција.
„Поморската придружба не е одржливо ниту долгорочно решение. Треба да ја одржиме безбедноста на пловидбата. Подготвен сум да почнам преговори за хуманитарен коридор за евакуација на сите бродови и морнари кои се заробени“, изјави Арсенио Домингез, Генерален секретар на Меѓународната поморска организација.
Велика Британија испраќа воени планери за соработка со САД за повторно отворање на теснецот, додека Иран воведува платен „сигурен премин“, дозволувајќи пловидба само за бродови со претходна дозвола. Со тоа се воведува нов режим во една од најважните светски поморски рути.
Бојана Крстевски
