Атлетика

Атлетската сезона стивна

15.09.2014 13:51

Каква беше атлетската 2014-та? Натпреварувачки интересна, но со малку рекордни дострели.Главен печат и дадоа митинзите од Дијамантската лига...

Купот на континентите во Мароко беше последната атлетска претстава во 2014 година. Светската атлетска елита на тартанот во Маракеш по 12-ти пат се натпреваруваше поделена според континенталните бои. Селекцијата на Европа го одбрани приматот од пред четири години во Сплит.Европјаните собраа 447 бодови, Америка 390, Африка 339, Азија и Океанија 257!  Натпреварувањето главно го понуди вообичаениот  квалитет на залезот од сезоната: имаше повеќе „уморни нозе“, одошто расположение за светски дострели!Американката Даун Харпер и Британката Тифани Портер истрчаа бисерни 100 метри со пречки. Победи Харпер со светски вредни 12.47 секунди, Портер заостана за 4 стотинки со нов рекорд на Британија. Бондаренко, Баршим, Уков, Кинард,Друин –друштвото кое ја одбележа сезоната со фантастични височини и во Маракеш имаше свое шоу. Победи Украинецот Бондаренко со 2.37 и со нов неуспешен обид на 2.46, на височината на нов светски рекорд. Во редот на „уморните херои“ беше Сандра Перковиќ, чиј пораз во фрлање диск е рамен на сензација.Во своето четиридецениско  опстојување Купот на континенти, втор пат се одржа на африканско тло и во однос на посетеноста доживеа фијаско! На прсти можеа да се избројат посетителите на „Ле гран стад“ во Маракеш. Актерите дојдени од целиот свет заслужија многу поголемо внимание.

Атлетската активност стивна. До почетокот на следната ќе се одржи уште некое натпреварување од регионален карактер,како и маратоните и полумаратоните. Каква беше атлетската 2014-та? Натпреварувачки интересна, но со малку рекордни дострели. Главен печат и дадоа митинзите од  Дијамантската лига. Особено во завршницата во Цирих и Брисел.Европското првенство исто така достигна високи стандарди.На почетокот на годината главната резултатска експлозија ја направи Французинот Лавилени кој со скокот во Доњецк од 6.16 го урна митот на Сергеј Бубка.Пред две недели во Берлин блесна и Анита Влодарчик од Полска со рекордот во фрлање кладиво од 79.58 метри.Тоа се единствените светски текорди во 2014 година!Од најразлични причини отсуствуваа дузина врвни атлетски асови. Но, најмногу недостасуваше Јусеин Болт. Ја лечеше повредата! Само два пати светот му се израдува на неговото појавување на тартанот: на Игрите на Комонвелтот во Глазгов како член на штафетата на Јамајка и малку подоцна во Варшава соборувајќи го светскиот рекорд на 100 метри во сала! Атлетската активност со Болт и без него е многу различна.Следната 2015-та ќе биде многу поинтересна со светското првенство во Пекинг, со Дијамантската лига и со  Јусеин Болт, веруваме здрав и брз!