Триото фаворити во одбојкарската група на смртта!
Бразил е прв кандидат за златото и тоа четврто по ред, но и по 13 победи во серија на Светските првенства, „кариоките“ не се привилигирани...

Компликуваниот систем од три фази за којшто покрај резултатите решава и ждрепката, вкупно 103 натпревари и дури 13 меча за да се освои медал, можеби не е коректен кон репрезентациите, но е на задоволство на одбојкарските мераклии.
Бразил е прв кандидат за златото и тоа четврто по ред, но и по 13 победи во серија на Светските првенства, „кариоките“ не се привилигирани, напротив извлекувањето им ја донесе групата на смртта во третиот круг. Почнувајќи од нула, без пренесени бодови од претходната фаза, тројцата главни фаворити ќе се пресметаат во конкуренцијата Х, што значи дека некој од големите, Бразил, Русија или Полска коишто заедно вредат осумнаесет медали, 10 златни, ќе остане без одличје.
Причина за тоа не е само среќната рака на францускиот селектор Тили, туку и одличните игри на „триколорите“ и двата сета освоени во вчерашниот пораз од Полска.
На тој начин Франција, беше прва, ја обезбеди носителската позиција во Групата Г и го избегна Бразил, а при извлекувањето Тили на својата репрезентација во Катовице и ги донесе Германија и Иран. Со досегашните игри, Французите потврдија дека имаат генерација на ниво на бронзената од пред 12 години, иако нема да им биде едноставно да се пласираат на една од двете позиции коишто обезбедуваат полуфинале. Германија, со 42-та максимална победа на Светските шампионати вчера против Канада, се врати на главната сцена по пауза од 44 години и златото на ДДР. Иран е првпат во позиција да конкурира за мундијалски медал, но азискиот првак, предводен од Србинот Ковач на клупата, е во подем и неоптоварен од притисок, затоа што веќе го оствари најголемиот успех.
Во неколкуте нелогичности на овој гломазен турнир е и распоредот според којшто, натпреварите и во двете четвртфинални групи ќе се играат паралелно, во ист термин, 20 часот и 25 минути. Македонската телевизија, на собранискиот сервис, разбирливо ќе ги пренесува дуелите од Лоѓ, утре Полска – Бразил, в среда „кариоките“ против Русија и в четврток домаќинот против „зборнаја“.
